1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николиќ - претседател и провокатор

А.Трајковска/ дв4 јуни 2012

Изјавите на новиот претседател на Србија за Вуковар и за Сребреница предизвикаа огорченост како на Балканот така и во Брисел од каде порачуваа: Тврдењата на Николиќ се апурдни и ги загрозуваат амбициите на Србија за ЕУ.

https://p.dw.com/p/157dF
Фотографија: Reuters

„Претседател и провокатор“, е насловот во „Зиддојче цајтунг“ објавен за претседателот на Србија, Томислав Николиќ. Повод за текстот е изјавата на Николиќ дека во Сребреница не бил сторен геноцид. „Од Сараево уследи брза реакција: претседателот со претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ рече дека изјавите на Николиќ се навредливи и дека се чекор назад во регионалната соработка. Изетбеговиќ нема да присуствува на инаугурацијата идната недела.“

„За меѓународното правосудство нема сомневање дека единици на босанските Срби во јули 1995 година во Сребреница сториле геноцид. Во својата пресуда од 2007 година тоа така го гледа и Меѓународниот суд на правдата во Хаг, а и Хашкиот трибунал за воени злосторства за поранешна Југославија осуди еден официр на босанските Срби за соучество во геноцидот на 35 години. Судиите на Меѓународниот суд на правдата дојдоа до заклучок дека Србија не спречила геноцид, иако можела да го стори тоа. Повикувајќи се на таа одлука, српскиот парламент пред две години во една резолуција се извини за масакрот во Сребреница, но без да го употреби зборот ’геноцид’. Активистите за човекови права во регионот, сметаат дека тврдењата на Николиќ дека во масакрот во Сребреница учествувале само ’неоколкумина Срби’ се извртување на историјата. Дури и владата на босанските Срби признава дека во освојувањето на Сребреница учествувале 20.000 Срби.“

„На дистанца од Николиќ се повлече и хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, откако Николиќ го нарече Вуковар српски град - изјава која во постојаниот репертоар на Николиќ постои веќе 20 години - откако почна распадот на Југославија. (....) Во Хрватска се’ поголем е притисокот врз Јосиповиќ да ја бојкотира инаугурацијата на Николиќ. (...) Во својата прва посета Николиќ отпатува во Москва, каде се сретна со Владимир Путин, кој стави на изглед 800 милиони долари кредит за Србија и зборуваше за духовно братство со Србија. На 12. јуни Николиќ се очекува во Брисел. Неговите изјави за Сребреница и таму предизвикаа огорчување. Претседателот на парламентот на ЕУ Мартин Шулц на Твитер напиша дека тврдењата на Николиќ се апсурдни, опасни и дека ги загрозуваат амбициите на Србија за членство во ЕУ.“

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

За Николиќ во интервју во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ говореше и хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ. Таа истакна дека односите меѓу Хрватска и Србија „не се безопасни, но се значително подобри отколку пред пет или дури десет години“. Запрашана за промените кои ги предизвика изборот на Николиќ за претседател на Србија, таа истакна дека „пред се’ влада ќе формира партијата на Тадиќ, а не на Николиќ“, така што „новиот претседател ќе остане ограничен на своите со уставот предвидени надлежности. Второ, долго никој не очекуваше дека Николиќ би можел да стане претседател - па ни тој самиот. Во своите политички изјави заради тоа тој не знае за обѕири. Можните меѓународни или регионални последици не го интересираат, тој стопроцентно се концентрира на српската политика. Во регионот мора да излезе на крај со сите три врсти односи: со Хрватска, па со Босна и Херцеговина и Црна Гора и на крајот со Косово.“

Весна Пусиќ смета дека и Дејтонскиот договор за Босна и Херцеговина треба да се модифицира: „Република Српска и нејзиниот претседател Милорад Додик во него гледаат гаранција за висок степен на автономија на која тие полагаат право. Но Договорот не смее да биде покритие за создавање нова држава. На Босна и Херцеговина и‘ е потребен нов предизвик за иднина во вид на реформи поврзани со перспективата за пристап во Европската унија. Во случајот со Хрватска, тоа се покажа успешно, иако од ЕУ - еуфоријата остана малку. Секаде во регионот имаме млади луѓе со нови способности и интересирања. Европскиот проект им дава цел и ја забрзува смената на генерации.“