1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Низок удар за Американците

8 март 2010

На притисок на администрацијата на Барак Обама, Израелците и Палестинците изразија согласност за индиректни мировни преговори. Но, израелската влада повторно им стави сопка на американските мировни настојувања.

https://p.dw.com/p/MN5p
Пратеник за тешки мисии: Џо БајденФотографија: picture-alliance/ dpa

Почетокот на индиректните мировни преговори требаше денеска (08.03.2010) и официјално да биде објавен, токму на стартот на првата посета на американскиот заменик-претседател Џо Бајден на регионот. Но, израелската влада денеска објави дека издала дозвола за градење 112 нови станови во една од спорните еврејски населби на палестинските автономни подрачја. Станува збор за населбата Беитар Илит на Западниот Брег.

Така со голем дипломатски труд подготвените преговори со американски посредник меѓу страните во блискоисточниот конфликт уште пред почетокот добија тежок удар. Со ваквиот потег владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху го крши сопствениот десетмесечен мораториум на изградба нови станови во еврејските населби на палестинските автономни подрачја. И таа одлука на Нетанјаху беше донесена под американски притисок.

Палестинците се огорчени

По ваквата најава, палестинската страна се закани дека ќе ја повлече штотуку донесената согласност за водење индиректни преговори со американски посредство. Палестинската ослободителна организација на претседателот Махмуд Абас вчера ја донесе одлуката и со тоа го отвори конечно патот за натамошни преговори, кои Палестинците претходно ги условуваа со потполн прекин на градежните активности на Израелците на нивна територија. Палестинскиот преговарач Саеб Ерекат порача дека доколку израелската влада има намера со вакви одлуки да ја саботира мисијата на американскиот заменик-претседател Бајден, тогаш Палестинците со него можат да разговараат само за прекин на уште непочнатите преговори. „Ова е последен обид за надминување на кризата во мировните преговори“, порача Ерекат.

Obama empfängt Netanjahu
Сака ли навистина мир? Премиерот Нетанјаху при минатогодишната посета на САДФотографија: picture-alliance/ dpa

Нетанјаху сакаше директни преговори

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно истакнуваше дека порадо би сакал да води директни преговори со претседателот на Палестинците Махмуд Абас. По средбата со специјалниот американски пратеник Џорџ Мичел во Ерусалим, Нетанхјаху порача дека ако патот до директни преговори води преку коридорот на индиректни преговори, тогаш тие треба да почнат што поскоро. „Секогаш велевме, дека не инсистираме на одредена форма. Ако тоа е непоходно да почне процесот, тогаш Израел е подготвен. Меѓународната заедница ќе го поздрави тоа што нашата држава сака да ги почне мировните преговори и да ги затвори.“

Palästinensischer Präsident Abbas mit Saeb Erekat in Kairo
Палестинскиот претседател Махмуд Абас со главниот преговарач Саеб ЕрекатФотографија: picture alliance/dpa

Дотолку повеќе изненадува најновата одлука на неговата влада за продолжување на изградбата нови станови во спорните израелски населби на палестинските автономни подрачја. Впрочем, Нетанјаху и во изминатите месеци тврдеше дека е подготвен за мировни преговори, но истовремено јавно истакнуваше од што Израел не може да се откаже. Така Ерусалим треба засекогаш да остане неподелен главен град на Израел. А и идната палестинска држава не би смеела да располага со сопствена армија.

Тешка мисија за Бајден

Тврдите позиции на израелскиот премиер наидуваат на критика кај американските посредувачи. Затоа претседателот Барак Обама се реши во регионот да го испрати неговиот заменик Џо Бајден, како највисок по ранг претставник на актуелната американска администрација. Во фокусот на неговите разговори нема да биде само израелско - палестинскиот конфликт. Бајден треба уште да го разубеди Израел да не изврши напад врз атомските постројки на Иран. Атомскиот конфликт со Иран треба да се реши по мирен пат, е девизата на американскиот вице-претседател.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/ртре/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска