1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нивеа“ треба да стане зелена

Сузан Стоун/С.Кобешчак/Е.М.Фиданоска1 април 2013

Германската линија козметички производи ќе добие нова амбалажа со чие производство и употрeба би требало да се заштити животната средина. На помош е викнат дизајнерот Ив Бехар, чија главна задача е да се намали отпадот.

https://p.dw.com/p/1851V
Фотографија: picture-alliance/ZR

Дизајнерот Ив Бехар е познат по тоа што при создавањето на креациите мисли пред се‘ на заштитата на природата. Работел за големи светски компании и за иновативни добротворни проекти. Неговиот лик се појавува на насловните страници на познати списанија, а творештвото му е изложено во музејски колекции по цел свет. Сега Бехар ќе се посвети на редефинирање на амбалажата на еден од најпознатите германски брендови - Нивеа.

Ив Бехар е роден во Швајцарија, татко му е Турчин, а мајка му доаѓа од тогашната Источна Германија. Бехар сега во Сан Францско ја води агенцијата „Фјузпроџект“, која развива дизајнерски решенија за големи глобални компании како што се „Џенерал Електрик“ или „Кока Кола“.

Неговите веројатно најпознати креации се компјутерот што троши малку енергија, наменет за сиромашните земји, којшто го дизајнираше за иницијативата „Еден лаптоп по дете“, како и „умната мала вреќичка“, благодарение на која производителот на спортска опрема „Пума“ троши многу помалку хартија за производство на амбалажа за своите обувки. Сега одврзани раце за нови решенија му даде фирмата „Бајерсдорф“ од Хамбург со задача во целост да го обнови изгледот на традиционалните производи на 101 година старата „Нивеа“.

Yves Behar Designer Nivea
Ив БехарФотографија: Beiersdorf

Обнова на логото

Првиот чекор на Бехар и неговиот тим беше да го креира новото лого. Логото мора и натаму да ги потсетува луѓето на наследството на „Нивеа“, пред се‘ на нејзиниот најпознат производ - тркалезната темносина лимена кутија за помада за лице со големи бели букви, што е симбол на „Нивеа“ уште од 1925 година.

Задачата на Бехар, меѓутоа, оди подалеку од потребата за ново лого и вклучува и идејно обновување на амбалажа за сите 1.600 производи на „Нивеа“, при што особено треба да се внимава на тоа дека на купувачите им е важно амбалажата да може да се рециклира, а и нејзиното производство и дистрибуција мора да бидат исплатливи.

Nivea Entwürfe neues Konzept
Идеи за нова амбалажаФотографија: Beiersdorf

Прво на ред беше пластичното шише на најпродаваното млеко за тело од понудата на „Нивеа“. Новиот редизајниран, издолжен облик, овозможува повеќе такви шишиња полесно да се сместат во која било кутија, што ги намалува трошоците за пакување и транспорт. Шишенцата истовремено изгледаат пософистицирано од досегашните и потсетуваат на шишињата во кои некогаш се продавало млеко.

Купувачите сакаат еко

Во текот на 2015 година треба да биде редизајнирана амбалажата за уште цела низа производи. „Бајерсдорф“ тврди дека потрошувачката на материјал за неговата амбалажа, која сега може целосно да се рециклира, по ангажирањето на Бехар е намалена за 15%, а за 23% е намалена и употребата на материјали за етикетирање на производите. Се очекува поради ваквото редизајнирање фирмата годишно да користи 12.000 палети за транспорт помалку, а притоа производството на јаглерод диоксид ќе биде намалено за 585 тони.

neue Design Verpackung von Niveas Body Milk
Фотографија: DW/Susan Stone

Аналитичарката од организацијата Еуромонитор Интернешнл, Ајлин Бевис, вели дека во нивните истражувања повеќе од половина од испитаниците одговориле дека при одлуката кој производ или услуга ќе ја купат важна улога им играл фактот дека при производството се мислело на заштита на природата. Сепак, додава таа, фирмите мора да се потрудат да објаснат во која мера нивните еколошки методи придонесуваат за лична полза на купувачите, на пример, за нивното здравје. „Еколошки фактори кои се директно добри за нивните семејства, а не само општо за околината, тоа е она што најмногу ги поттикнува на купување“, вели Ајлин Бевис.