1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не треба да се прокоцка европската перспектива

Нада Штајнман3 јуни 2008

Шеќеринска и СДСМ и од улога на опозиција водеа многу одговорна политика, вели во интервју за Дојче Веле Ута Цапф, пратеничка од Социјаледемократската партија. Со неа разговараше Нада Штајнман

https://p.dw.com/p/EBns
Ута Цапф: на сите треба да им е јасно, не смее да има нова ескалацијаФотографија: Bundestag

Госпоѓо Цапф, на предвремените парламентарни избори во Македонија јасно се покажаа проблемите на земјата. Сметате ли дека премиерот Груевски ќе успее да внесе ред во Македонија, сега откако доби големо мнозинство од гласовите?

Цапф: Може само да се надеваме. По се’ она што беше во минатото, сметам дека беше грешка на премиерот Груевски што ја исклучи ДУИ од владината коалиција. Тој пред овие избори најави дека повторно сака да создаде коалиција со ДПА, со што уште повеќе ќе се потпали ривалството меѓу албанските партии. Тоа го покажа и изборниот процес, каде имаше насилство и изборни манипулации токму во подрачјата со албанско население. Затоа му посакувам мудрост на Груевски за да донесе мир во целиот процес преку вклучување на сите албански партии. Во спротивно сметам дека сигурно ќе трпи стабилноста на земјата.

Тоа е лесно да се каже, но тешко да се направи. Како си го замислувате тоа? Може ли од надвор, од странство да се изврши притисок врз Груевски за да ја вклучи ДУИ?

Не знам дали е тоа можно, премалку го познавам, како социјалдемократ јас му припаѓам така да кажам на другиот политички табор во Европа. Но, посакувам европските министри за надворешни работи барем да му дадат добар совет, бидејќи никого од нас не може да го остави мирен доколку таму има и понатаму потенцијални или отворени конфликтни жаришта и поради тоа не биде успешна внатрешната интеграција на земјата, мислам на меѓу-етнички план. Со тоа би била ставена на коцка и европската перспектива на Македонија.

Стабилизирање на целиот регион

Кога ја спомнувате европската перспектива- станува збор само за кавгите на Албанците, но во Македонија живеат и други етнички заедници. Што мислите, треба ли сите да бидат казнети затоа што Албанците не можат да се смират?

Не, секако дека не треба сите да бидат казнети. Наш интерес е Македонија да биде интегрирана како во НАТО, така и во ЕУ. Тоа е добар пат за стабилизирање на целиот регион. Таму има веќе доволно конфликти што треба да ги совладаме, не мислам само на Косово, туку и на Босна и Херцеговина, Србија – сето тоа се земји што не‘ загрижуваат. Јас исто така би ја молела и Грција да го закопа тој неверојатен спор околу името со Македонија. Секако дека владата и сега повторно премиерот Груевски ја носат главната одговорност за примена на Охридскиот договор и за водење политика што ќе ги прекине таквите ривалства. Исто така и на албанските партии мора да им се каже отворено што може, а што не може да прават!

Одговорност земјата да не биде доведена во длабок конфликт

Ја спомнавте Грција, во Македонија се чувствува разочарувањето од Букурешт, кога вратите на НАТО не се отворија за земјата. Кажете ни, има ли некое европско решение за Балканот и посебно за Македонија, кое ќе ги отстрани сите проблеми со кои е конфронтирана земјата?

Мислам дека е тоа тежок и долг процес. Назадувањето со кое можеби ќе треба да се соочиме во Србија, тоа влијае врз целиот регион. Но, до толку е поважно земја како Македонија, која до сега секогаш успевала барем до некаде да ги стави под контрола сопствените конфликти, да спречи заканувачка граѓанска војна и да постигне договор што води сметка за правата на целото население, таква земја навистина не би требала да дојде во длабок конфликт. Сметам дека за тоа се одговорни сите, тука е Груевски со неговата партија и изборниот сојуз, а тука се и Албанците. На сите треба јасно да им се стави на знаење дека не смее да има нова ескалација.

СДСМ водеа одговорна политика

Лидерот на опозиционата коалиција „Сонце“ им честиташе на победниците и им порача дека презеле огромна одговорност. Сметате ли дека Шеќеринска и нејзината партија презеле доволно одговорност за она што се случува во земјата?

Не знам што точно подразбирате под тоа, но знам дека Шеќеринска и претседателот на државата Црвенковски водеа многу одговорна политика. Позитивниот имиџ што го ужива Груевски доаѓа од надежта дека тој може да и’ обезбеди на земјата економски напредок, што реално не се случи во некоја голема мера. Но, избирачите така се решија и мислам дека партијата на Социјалдемократите дејствуваше многу одговорно и од улога на опозиција. Јас, барем вака од далеку, не можам да најдам нешто каде би рекла дека тие не се однесуваа одговорно.

Важен е приодот кон проблемите

Опозицијата, во тој контекст и Социјалдемократите, и’ префрлаа на владата дека со предвремените избори само ги одложува натрупаните проблеми на земјата. Дали се сложувате со тоа мислење?

Ние во Германија имавме таква перцепција, дека Груевски предвремените избори ги свика затоа што виде дека неговиот рејтинг во анкетите е добар и може да победи на изборите, ако се одржат сега. Со тоа секако не се решени проблемите, но затоа неговата влада е обезбедена на подолг рок. Се’ ќе зависи од тоа како тој ќе им пријде сега на проблемите, прво на спорот околу името, дали ќе дотура масло на огнот. А второ е смирувањето на двете албански партии, тоа е барем делумно и негова одговорност. И трето е на таков начин да го поттикнува напредокот во земјата, за таа да им се приближува на европските критериуми и со тоа да може да ја реализира можноста за пристапување кон ЕУ.

Груевски е многу оптимистички настроен, тој гледа светла иднина за неговата земја. Гледате ли и Вие добри перспективи за Македонија и за целиот регион на Западниот Балкан?

Сметам дека на тие земји треба да им се стават на знаење две работи: едната е дека Европа е решена да ги интегрира во ЕУ. Одговорноста меѓутоа за исполнување на поставените критериуми е навистина во рацете на владата на секоја земја. ЕУ не може да си дозволи да каже, нам ни е сеедно што се случува кај вас, ќе ве примиме и потоа се’ ќе биде подобро, туку мора да се почитуваат критериумите. Тоа значи дека обете страни носат одговорност, ние преку ЕУ да им пружиме поддршка, а тамошните земји треба да покажат напредок. Така, кога премиерот Груевски вели дека гледа сончева иднина за Македонија, треба да знае дека тој е оној кој треба таа иднина и да ја оствари!