1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не техника, дајте експерти!

4 февруари 2010

По нападите од 11 септември 2001 година во ЕУ се разгоре дебатата за подобри и ефикасни контроли на европските аеродроми. Забрани и правила се воведени, меѓутоа на 400-та аеродроми во ЕУ стандардите се различни.

https://p.dw.com/p/Lr9n
Засилена контрола на аеродромот во ФранкфуртФотографија: AP

На аеродромот „Ширпол“ во Амстердам има петнаесет апарати за целосно скенирање на телото. Меѓу другото, тие треба да препознаат скриено оружје и експлозивни материјали. Гинтер фон Адрих работи како проект менаџер на аеродромот и е задолжен за воведување на новата безбедносна техника. Тој демонстрира како работи скенерот: „Ве молам застанете овде и кренете ги рацете горе. Апаратот почнува да скенира и за неколку секунди го имаме резултатот.“

Користењето на овие апарати за патниците е се` уште на доброволна основа, бидејќи се работи за тест фаза. Министрите за внатрешни работи на ЕУ досега не усеаја да се договорат за нивна еднаква употреба во сите земји на Унијата. Европската комисија препорачува воведување на ваквите скенери подеднакво во сите земји членки. Номинираната еврокомесарка за правда Вивиан Рединг предупредува дека кај т.н. скенирање до „гола кожа“ мора особено да се внимава на личните права: „Нашата желба за безбедност не може да го оправдува секој упад во приватната сфера. Нашите граѓани не се објект, туку човечки суштества.“

Европарламентарците скептични околу скенирањето до „гола кожа“

Niederlande Nacktscanner
Целосно скенирање на телото на аеродромот „Ширпол“ во АмстердамФотографија: AP

Холандската влада, сепак, сака што е можно поскоро да ги постави новите скенери пред секој аеродромски терминал. Во Италија ќе се постават вакви скенери на двата најголеми аеродроми во земјата „Рим-Фумичино“ и „Милано-Малпеза“. Со нив ќе се скенираат само патниците што летаат кон САД и Израел. Во Велика Британија, наредниве денови, треба да се постават првите апарати за целосно скенирање на телото на аеродромот „Лондон-Хитроу“. Франција засега нема да воведе вакви апарати. Француските власти сакаат прво да ги тестираат скенерите и за оваа цел во Париз ќе бидат поставени неколку скенери за доброволно скенирање. На помалите аеродроми во ЕУ засега не е планирано поставување на апаратите кои чинат околу 120.000 евра.

Синдикатот на германската полиција критикува дека Германија и голем број други земји членки на ЕУ безбедносната контрола на аеродромите им ја препуштиле на приватни фирми. Големите трошоци, пак, водат кон тоа луѓето со ниски месечни примања да извршуваат многу чувствителни задачи, истакна за Дојче веле Јозеф Шојринг од синдикатот на полицајците: „По 11 септемви 2001, драстично ја заостривме ситуацијата на тој начин што барањата за безбедност во водзушниот сообраќај драстично се зголемија. Тоа е особено чувствително место воопшто во воздушниот сообраќај, каде истовремено се намалија социјалните рамковни услови. Оној кој вели дека може од луѓето се` повеќе да бара и истовремено полошо да ги плаќа за тоа што го работат, тој застапува еден систем, кој нема ништо заедничко со луѓето, ниту, пак, со некакви цели. “

Nacktscanner am Flughafen Flash-Galerie
Дали скенерите на целото тело навистина можат да откријат се’?Фотографија: DPA

Повеќе човечка контрола, помалку техника

Синдикатот на полицијата се залага за поголемо ангажирање на добро обучени стручни луѓе, а помалку за воведување нови техники. Според нив, на секој аеродром треба да се постави профајлер, еден вид експерт, кој од реката патници, според психолошки критериуми, може да препознае некое сомнително лице и да го испрашува. На сличен начин работат безбедносните служби во Израел. Дополнителни контроли само поради националноста во Германија, во моментов, не се дозволени. Против ваков вид испрашување е и европската правна норма против дискриминација.

Европската унија, во меѓувреме, основа служба која е одговорна за безбедноста во европскиот воздушен сообраќај. Седиштето на ЕАСА се наоѓа во Келн и таа е одговорна пред се’ за издавање дозволи за авиони, должина на пистите за слетување и обука на пилоти. Службата, меѓутоа, не е одговорна за безбедносните контроли, вели портпаролот на ЕАСА. Тоа е задача на земјите членки и раководителите на аеродромите.

„Водениците во ЕУ премногу споро мелат“

Flughafen Frankfurt
Поради заострените контроли патниците мора да чекаат со часови на аеродромФотографија: picture-alliance / dpa

Германскиот европратеник од партијата на Либералите, Александер Алваро, критикува дека „водениците во ЕУ премногу споро мелат“ и дека многу се фиксирани на уедначеност и техника. Она што недостасува е поврзување на веќе познати сознанија, рече тој во една дебата во Европскиот парламент: „Од 11 септември наваму постојано слушаме дека е проблем да се обединат одделни компоненти. Доколку беа потреби речиси десет години за да се развијат структури кои ќе ги овозможат таквите поврзувања, тогаш во последниве десет години навистина нешто не одело како што треба. Одговорот секогаш гласеше: потребни ни‘ се повеќе податоци и уште поголема размена на податоци. Но, како што изгледа тоа не функционира“, вели Алваро.

Во Русија властите не можат да ја разберат најновата дебата за воведување на целосното скенирање на телото. Имено, на аеродромот во Москва веќе со години се користи ваков скенер, без патниците воопшто да знаат за тоа.

Европскиот парламент, по настаните од 11 септември, купи шест скенери за безбедносна контрола за влез во Парламентот. Меѓутоа, поради компликуваниот начин на ракување и други задршки, тие никогаш не беа ставени во функција. Сега скенерите се ставени на продажба по цена од 725.000 евра.

Автор: Бернд Ригерт / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска