1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не стивнуваат протестите на Бугарите против политичкиот естаблишмент

Ралф Борхард/ард/Жана Ацеска11 јули 2013

Со недели веќе секојдневно десетици илјади Бугари протестираат против владата, која е на власт од крајот на мај, но уште сега е вовлечена во корупција и делење функции. Демонстрантите бараат нови избори.

https://p.dw.com/p/1960v
Фотографија: BGNES

„Не сакаме олигарси, не сакаме агенти, Штази, не сакаме да бидеме прислушувани од нашето министерство за внатрешни работи“, пеат демонстрантите во Софија. И постојано доаѓаат извиците упатени кон владата: „Мафија, мафија. Сакаме оставка на владата, итно!“

Вака е веќе четири недели, секој ден. Уште наутро граѓаните се собираат пред парламентот, пред се‘ студенти, млади вработени, семејства со деца, но и постари луѓе, пензионери. Таму тие пијат кафе, а кога ќе се покаже некој пратеник, по него летаат јајца или домати. Вкупно, меѓутоа, протестите течат мирно.

Преку социјалните мрежи постојано се иницирани нови форми на протести, на пример, велосипедско корзо. Неодамна една интернет фирма обезбеди безжичен интернет, за демонстрантите пред парламентот да можат да почнат да работат со лаптоп компјутери. Има и понекои противдемонстранти, кои повикуваат: „дајте и‘ на владата уште една шанса“. Но, секое попладне во 18,30 часот центарот на главниот град го исполнуваат десетици илјади демонстранти против владата.

„Сите кои беа на политичката бина во последните 20 години, треба да исчезнат. Збор треба да добијат помладите, иако не се толку искусни“, вели еден демонстрант. Една жена дополнува: „Сакаме нови лица во владата, сакаме ’чисти’ луѓе“.

Владата се обидува да „глуми“ нормалитет

Актуелнатавлада на зачудувачки начин се однесува и натаму како се‘ да е нормално. Новата влада дојде на функцијата по протестите поради зголемените цени на електричната енергија на предвремените избори на крајот на мај и досега е главно зафатена со распределба на функциите. Тукушто беше назначен нов шеф на државното здравствено осигурување.

Владата, предводена од Социјалистите, рано го потроши својот кредит. Премиерот, финансискиот експерт Пламен Орешарски, на крајот на мај се обиде за шеф на тајната служба да постави медиумски тајкун, вовлечен во бројни корупциски афери, за демонстрантите симбол на корумпираните структури на стариот апарат, како за време на конзервативниот премиер Бојко Борисов, така и претходно, за време на шефот на Социјалистите, Сергеј Станишев.

Протестите кои траат веќе четири недели не само што не стивнуваат, туку опфаќаат се‘ поголем круг од населението. Многу од граѓаните во најсиромашната земја во ЕУ, со просечни примања од околу 350 евра и просечна пензија од 150 евра, не сакаат да ги прифатат ваквите состојби. Пред се‘, не сакаат да дозволат и натаму да се богатат олигарсите, екс-тајните агенти и политичарите кои произлегоа од комунистичкиот систем пред промените.

Само две личности се‘уште уживаат широк углед меѓу народот: генералниот државен обвинител Сотир Цацаров и претседателот Росен Плевнелиев.

„Ја поддржувам секоја граѓанска иницијатива која води кон поголема демократија, праведност, правна држава и европска иднина“, изјави Плевнелиев во својот најнов говор.

Bulgarien Proteste in Bulgarien 8. Juli 2013
Фотографија: BGNES

„Се‘ додека сум претседател, ќе застанам на страната на поголема демократија, граѓанска контрола и правна држава. Како претседал јас сум вознемирен и загрижен за Бугарија, во која очигледно политиката западна во криза на вредности“, рече Плевнелиев.

Тој се изјасни за одржување нови избори наесен. Тоа го бараат и демонстрантите, во надеж дотогаш да биде променето и изборното право. Досега пратениците во парламнетот беа одредувани само преку листи. Сегашното барање гласи - половината од пратениците во иднина да бидат избирани директно. Со тоа шанса за пратеничко место ќе добијат и водачите на протестното движење. Не е на повидок нова партија која би ги собрала протестните гласови.

Поддршка од германската амбасада

Првпат на почетокот на неделава германскиот и францускиот амбасадор во Бугарија во заедничко соопштение изразија поддршка на протестното движење. Владата, во која доминираат Социјалистите, него го отфрли. Но, зад кулисите очигледно се води веќе дискусија за нов изборен термин - уште кон крајот на септември.

„Општеството е многу поделено. Овој јаз може да биде надминат само со нови избори“, вели еден демонстрант во Софија. Една жена порачува: „На владата треба да и‘ е јасно дека ние нема да се откажеме“!

Друг човек пак порачува: „Доаѓаме до точка кога конецот на трпението на народот може да се скине. А тогаш, последиците се непредвидливи“.