Не сечи ја гранката на која седиш!
20 октомври 2010Не сечи ја гранката на којашто седиш, вели една поговорка. Човештвото, се чини, го прави токму тоа: со речиси седум милијарди жители на планетата Земја, животниот простор станува се` потесен, не само за луѓето, туку пред се`, за природата. „Обединетите нации си поставија за цел да се стопира намалувањето на билошката разновидност на Земјата. Целта не беше постигната. Исчезнувањето на животинските и растителните видови е се` подраматично“, констатира Елза Никел од германското Министерство за животна средина. Секој ден се искористуваат природни ресурси чиј волумен е еднаков на 112 згради со големина на „Емпајр Стејт Билдинг“ во Њујорк. Закана од исчезнување им се заканува на една третина од животинските и растителните видови; дневно изумираат околу 130 видови.
На Меѓународната конференција за заштита на билошката разновидност во Јапонија државите имаат за цел да се закочи индустрискиот развој - причинител на исчезнувањето на видовите, кое според научниците е најголемо по изумирањето на диносаурусите пред 65 милиони години. Изумирањето на одредени биолошки видови е знак дека им се заканува уништување на цели еколошки системи. Манфред Никиш, директор на Зоолошката градина во Франкфурт, вели дека создавањето и одржувањето природни области под посебна заштита не е трајно решение; во нив видовите само краткорочно се спасени од истребување: „Подрачјата под заштита не придонесуваат многу кон зачувувањето на природните видови. Потребни ни се сосема поинакви мерки, неопходно е преструктурирање на севкупното светско земјоделство и на рибарството. Ова се, пред се`, прашања на политиката, а не прашања од областа на природните науки.“
Државите сакаат да ја докажат политичката волја на конференцијата во Нагоја, каде треба да бидат одредени и 20 стратешки цели за наредната декада. Според Елза Никел, преговорите за заштита на животната средина во пресрет на Климатскиот самит во Канкун, Мексико, се одвиваат под силен притисок: „Еколошките системи недопрени од човечка рака се вистински акумулатори на јаглерод диоксид, па при нивното уништување се ослободува енормно количество од овој гас. Тоа значително ги забрзува климатските промени.“
Автор: Хеле Јепесен / Далибор Стајиќ
Редактор: Жана Ацеска