1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Не е се’ ’сино’, ниту ’портокалово’, има и нешто трето“

Свето Тоевски22 март 2013

На локалните избори во 39 општини во Македонија ќе се натпреваруваат 27 независни кандидати за градоначалници и 86 независни листи за општинските совети, покрај оние на политичките партии.

https://p.dw.com/p/182cC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Рекордер е општината Македонски Брод, која има 7.100 жители: за местата во 11-члениот општински совет ќе се борат дури 14 независни кандидатски листи. Во Кавадарци во изборната трка ќе се вмешаат и 6 кандидатски листи за советници и тројца независни кандидати за градоначалник.

Која е причината за големиот број на независни кандидатури за освојување на локалните власти во земјата и во оваа 2013 година? Дали можеби одделни независни кандидатури се, всушност, „подметнувања“ било од власта, било од опозицијата, еден кон друг, со цел колку само да му се одземат дел од изборните гласови на политичкиот ривал?

Тања Каракамишева, експерт за избори и изборни системи од Државниот универзитет во Скопје, е категорична: „За голем дел од независните листи постојат сознанија дека ја имаат поддршката од големите политички партии, кои од свои политички причини се одлучуваат да ги 'спонзорираат' независните кандидати, што не е политички недозволиво и не е нешто непознато во другите системи. Но, во западните демократии политичките партии се речиси 'невидливи' на локалните избори. Дури, во некои земји постои директна законска забрана за нивно учество на локалните избори, поради фактот што овие избори имаат специфичен карактер, кој е директно поврзан со локалните интереси и потреби на граѓаните.“

„Доста ни е од непринципиелни партии и лидери, кои ги заборавија граѓаните“

Што велат дел од независните кандидати за градоначалници, кои ќе ја бараат довербата од граѓаните на 24-ти март?

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/Stojanovski

Виктор Цветковски до јули минатата година беше член на Извршниот одбор на СДСМ и претседател на општинскиот Совет на Куманово од редовите на социјалдемократите. Откако дошол во судир со своите сопартијци и со се’ уште актуелниот градоначалник од редовите на СДСМ Зоран Дамјановски, Цветковски бил исклучен од партијата. Сега тој е еден од независните кандидати за градоначалник на оваа општина. Алудирајќи на партиските бои на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на еден од митинзите во Цветковски кажа: „Не е се ’црно-бело’, не е се ’сино’ и ’портокалово’, туку има и нешто трето, нешто различно, а тоа сме ние, опцијата на независните. Доста ни е од непринципиелни коалиции, од непринципиелни лидери и од партии, кои заборавија да го штитат народот, од партии кои заборавија на граѓаните. Ништо не ги интересира, само се грижат кој ќе триумфира: Бранко, или Груевски.“

Басри Бајрами е се’ уште актуелен градоначалник на скопската општина Арачиново. Тој очекуваше поддршка од ДУИ, но не ја доби. Затоа се реши сам да бара довербата од бирачкото тело на 24-ти март. „Моја основна цел е во вториот мандат да ја проширам територијата, на која се распростира општина Арачиново, но и да реализирам низа нови значајни комунални инфраструктурни проекти“, рече Бајрами на стартот на кампањата.

Агни Алиу, професор по локална самоуправа во Штуловиот универзитет во Тетово, смета дека неисполнувањето на барањата на граѓаните за подобар живот во нивните локални средини од страна на повеќето политички партии е дел од причините зошто и на овие локални избори има многу независни градоначалнички и советнички кандидатури. „Граѓаните апсолутно не се задоволни: во изминативе години политичките партии покажаа дека не се грижат за нивните интереси. Загубена е довербата во партиите. Исто така, и децентрализацијата води кон зголемување на бројот на независни кандидатури за локалните избори: во општината граѓаните можат полесно самите да ги решаваат на независен начин проблемите од локално значење, без притисок од партиите. Независните кандидатури се знак дека треба да има промени, кои се неопходни“, нагласува Алиу.

Дали македонскиот изборен модел ги фаворизира партиите како големи групации, не давајќи им посериозни шанси за победа на поединците со нивните независни кандидатури на локалните избори?

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Каракамишева вели: „Донтовиот изборен модел' ги фаворизира големите партии, или коалиции на партии. Партиите се сеприсутни на политичката сцена, која дословно ги задушува сите граѓански иницијативи. Политичките партии го окупираат целосно политичкиот простор и оттука независните кандидати многу тешко можат да дојдат до израз наспрема големите партиски машинерии, кои имаат на располагање голема логистичка поддршка, големи суми на пари и медиумски простор.“

Политичкиот аналитичар од невладиниот сектор во Гостивар Алберт Муслиу заклучува: „Законските други решенија сигурно на партиите многу повеќе им ја олеснуваат процедурата во врска со локалните избори за кандидирање на локалните избори. Дури и продолжувањето на рокот за доставување на кандидатските листи не се случи поради независните кандидати, туку поради политичките партии. Постојат независни кандидати, но, најчесто тоа се поранешни политичари, или членови на политички партии, кои не биле предложени од нивните партии и тие се обидуваат сега да го измерат својот рејтинг, настапувајќи како независни.“