1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е остварен пробив на разговорот ЕУ – Иран во Виена

Биргит Шмајцнер3 март 2006

Наредната средба на Меѓународната агенција за атомска енергија веројатно последна шанса да се избегне спорот да стигне пред Советот за безбедност на ОН

https://p.dw.com/p/Ac8R
Дуст-Блази, Штајнмаер и Солана во Виена
Дуст-Блази, Штајнмаер и Солана во ВиенаФотографија: AP

Ни европската тројка денеска, како ни Русија пред тоа, не успеа да го наговори Иран, на чие барање дојде до средбата, да попушти во спорот околу неговата атомската програма. Преговорите во резиденцијата на германската амбасада траеја околу два часа, а по заедничкото позирање за фоторепортерите, изјави дадоа само западните претставници.

Разговорот се одржа во критична фаза од спорот, укажа германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер: „Или ќе постигнеме согласност што не води назад кон преговарачкиот процес, или пак работата ќе треба да се разгледува во Советот за безбедност. Тоа покажува дека немаме многу време. Ако сакаме да постигнеме напредок, тогаш мораме да го постигнеме сега“.

Разговорот со иранскиот преговарач Али Лариџани, навистина, бил конструктивен, но сепак не можела да биде постигната согласност. „Ние само можеме да ја изразиме нашата надеж дека иранската влада на крајот ќе биде подготвена да го направи чекорот неопходен за процесот на градење доверба, што е сега нужен, за да го овозможи процесот на меѓусебен дијалог, што ние сите го сакаме“ – рече Штајнмаер.

Тој чекор значи: Иран мора да ја запре домашната програма за облагородување ураниум. „Тоа е сосем едноставен и легитимен услов, кој не му штети на економскиот развој на Иран. За жал, иранската делегација не се впушти во тоа“ – рече францускиот министер Филип Дуст-Блази.

Разговорот во Виена, значи, поминал слично како и оној во Москва. Рускиот компромисен предлог - во таа земја да се облагородува ураниум за ирански потреби, требаше да биде гаранција дека Иран сака да користи атомска технологија во мирољубиви цели, а не за градење атомска бомба. Исходот на овие средби ја потврди поранешната оцена на ЕУ, кога таа ги замрзна разговорите: не може да се најде најмал заеднички именител за јадрото на проблемот: Иран да не врши облагородување на ураниум.

Во сегашнава пат-ситуација решението околу тоа дали ќе биде вклучен и Советот за безбедност на ОН, се очекува во вторник, кога на оваа тема ќе расправа Меѓународната агенција за атомска енергија.