1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нечас го „преживеа“ гласањето доверба

ЖА/дв/миа18 јануари 2013

Чешкиот премиер Петр Нечас повторно успеа: поради спорната амнестија на затвореници опозицијата сакаше да го истера од функцијата. Но, опозицијата не успеа ниту во петтиот обид, и‘ недостигаа уште 9 гласа.

https://p.dw.com/p/17MgM
Фотографија: picture alliance / AP Images

Чешкото Собрание со 92 гласови „за“, 97 против и ниту еден воздржан, синоќа не изгласа недоверба на Владата на премиерот Петр Нечас.

По повеќе од 10-часовна расправа, народните избраници не ја прифатија интерпелацијата поднесена од опозициската ЧССД (Чешка социјалдемократска партија), која ја обвини Владата дека е неуспешна поради амнестијата која на почетокот на годинава ја прогласи чешкиот претседател Вацлав Клаус, а ја потпиша и премиерот Петр Нечас.

Амнестијата, која опфати над 7.000 лица, предизвика незадоволство кај широката јавност и критики од правните експерти. Според претседателот на ЧССД Бохуслав Соботка, амнестијата е „скроена“ за да им оди во корист на некои луѓе кои требале да бидат осудени, а најголемо сомневање опозицискиот лидер изрази за делот кој е опфатен со амнестијата, а се однесува на лишување од одговорност на сторителите на сериозни стопански кривични дела за кои се предвидени затворски казни поголеми од 10 години.

Осврнувајќи се на обвинувањата, премиерот Нечас потенцираше дека опозицијата нема конкретни аргументи за да ја собори Владата и нејзината иницијатива ја нарече „политички фолклор“. Тој потсети дека во Чешка сиромаштијата е на најниско ниво во целата Европска унија, а земјата во Унијата е на седмо место по невработеност. На гласањето за изјаснување на недоверба на Владата не учествуваше Карел Шварценберг, претседателот на партијата ТОП 09, дел од владејачката коалиција, кој демонстративно ја напушти седницата изразувајќи несогласување со амнестијата, за која рече дека не бил претходно информиран од премиерот.

Според актуелната рамнотежа на пратеници во Парламентот, за успешен обид за соборување на Владата на Петр Нечас, беше потребна поддршка од 101 од вкупно 200 народни избраници.