1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нетанјаху го доби мандатот за составување на новата влада на Израел

СН/АТ/ртр/дпа/ап3 февруари 2013

Актиелниот израелски премиер, Бенјамин Нетанјаху по трет пат го добива мандатот за формирање на израелската влада. Тој порача дека планира да формира што е можно поширока владина коалиција.

https://p.dw.com/p/17XEj
Фотографија: picture alliance / dpa

По парламентарните избори во Израел на 22 јануари, претседателот на државата Шимон Перес мандатот за составување на идната влада на земјата му го додели на досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Претходно 82 од вкупно 120 пратеници во израелскиот парламент Кнесетот гласаа за тоа Нетанјаху по трет пат да добие мандат за шеф на израелската влада. Тој има рок од 28 дена да го состави новиот владин кабинет. Нетанјаху изјави дека сака да формира што е можно поширока владина коалиција. Нејзина најважна цел, според Нетанјаху ќе биде, да се спречи Иран да се стекне со атомска бомба.

Инаку коалицијата на десно-конзервативната партија на Нетанјаху- Ликуд и ултранационалистичката партија Нашиот дом Израел, со 31 место е најсилен блок во новиот состав на парламентот, меѓутоа загуби 11 мандати во споредба со претходниот легислативен период. Клучна улога во формирањето на новата влада би требало да одигра Јаир Лапид чија новоформирана партија Има иднина, на изборите освои 19 пратенички места во Кнесетот.