1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010610 Gaza Flotte

1 јуни 2010

Акцијата на израелската армија против конвојот бродови со хуманитарна помош за луѓето во појасот Газа предизвика остри меѓународни реакции. При акцијата беа убиени најмалку 10 активисти, а околу 60 лица се повредени.

https://p.dw.com/p/NeRc
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обиде да ги оправда војницитеФотографија: picture alliance / dpa

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во меѓувреме, се огласи со прва оценка на инцидентот, во кој имаше најмалку 10 жртви. Пред да замине од посетата на Канада, по која требаше да патува за Вашингтон, Нетанјаху се обиде да ги оправда војниците, кои според него стрелале во самоодбрана.

„Тие ги нападнаа првите војници, кои стигнаа на бродот. Војниците беа опколени и удирани со железни шипки, беа нападнати со ножеви, а имаше дури и истрели. Нашите војници мораа да се бранат, инаку ќе беа убиени. Во екот на овие настани загинаа 10 лица. Жалиме поради таа загуба“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред аминувањето од Канада за Тел Авив.

Снимки од инцидентот

Израелската армија, во меѓувреме, поради силниот меѓународен притисок објави и видео снимки од спорната операција, на кои се гледа дека 20-тина патници на бродот под турско знаме навистина ги нападнале војниците со железни шипки.

+++ACHTUNG SCHLECHTE QUALITÄT+++ Überfall Israel Gaza Boot Schiff
Израелската армија, поради силниот меѓународен притисок објави и видео снимки од спорната операцијаФотографија: AP

Еден од војниците преку воки-токи посочува на тепачката и бара најголемо можно внимание, бидејќи наводно патниците на бродот успеале да турнат еден израелски војник во морето.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја откажа претстојната посета на Белата куќа поради инцидентот околу хуманитарниот конвој за појасот Газа, порача дека нема да одговори позитивно на барањата за укинување на целосната блокада на Газа. „Израел ќе ја задржи блокадата против појасот Газа и организацијата Хамас која владее таму“, порача израелскиот премиер. Во меѓувреме, сите шест брода од хуманитарниот конвој се приведени во израелското пристаниште Ашдод, каде 32 од вкупно 700 учесници се уапсени, а другите се испитуваат. Израелските власти најавија дека ќе ги депортираат учесниците од хуманитарниот конвој, кои не биле вмешани во насилството. На другите им се заканува затвор.

Германците во конвојот ќе се вратат набрзо

Конечната верзија за настаните од гледна точка на учесниците ќе може да се дознае дури откако тие ќе бидат пуштени на слобода. Учесниците на конвојот од Германија, меѓу кои има и двајца парламентарци, се очекува наскоро да се вратат во татковината. Министерството за надворешни работи во Берлин засега има доверливи информации за судбината на пет, од вкупно 10-тина германски државјани кои беа во хумантирниот конвој.

Автор: Клеменс Ференкоте/дв/Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска