1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нередите на Курдите во Турција ескалираат

3 април 2006

Како што ветија радикалните курдски групи, насилството се шири и кон западот на земјата, така што синоќа во Истанбул беше извршен напад со запаливи бомби врз автобус на градскиот сообраќај. При тоа животот го загубија тројца минувачи.

https://p.dw.com/p/Ae2V
Турската полиција претепува курдски демонстранти во Истанбул
Турската полиција претепува курдски демонстранти во ИстанбулФотографија: AP

Во Истанбулското предградие Бакчилар околу 100-тина млади нападнаа автобус. Тие се обидеа да му го попречат патот, а потоа фрлаа запаливи материи. Возачот на автобусот во обидот да ги одбегне напаѓачите прегази тројца минувачи, додека четврт е потешко повреден.

Ова е најнова епизода во ширењето на востанието на курдски млади, што наликува на палестинската интифада. Покрај автобусите што горат во Истанбул, облаци од чад го обвиваат и градот Батман богат со нафта, а солзавец се шири по улиците на Дијарбакир... Радикални групи блиски до Курдистанската Работничка Партија (ПКК) повикаа „искрата од Дијарбакир да се пренесе во големите градови на Турција се‘ до Истанбул„ и и‘ ветија на Турција вистински пекол. Уште во петокот во Истанбул експлодира бомба оставена во контејнер за ѓубре, при што животот го загуби едно, а беа повредени уште 12-тина лица. Така се испреплетуваат целни напади на западот од Турција, со на видум спонтами протести на деца и млади на југо-истокот. Премиерот Реџеп Таип Ердоган отворено се закани:

„Ги злоупотребуваат жените и децата, така што ги испраќаат на улица. Но, со тоа нема ништо да постигнат. Нашите сили за безбедност ќе му се спротистават на секого, дури и на жени и деца, доколку се претворат во инструменти на теророт.„

Дека заканата на Ердоган е многу сериозна сведочи и фактот што за прв пат по 11 години на улиците во градовите со курдско население на југо-истокот од земјата патролираат тенкови. Целата ескалација почна пред една недела, кога Работничката партија на Курдистан јавно погреба неколкумина сопствени борци во градот Дијарбакир. Тој ден беше прогласена општа жалост и востаниците се заканија дека сите продавници мора да бидат затворени, инаку ќе бидат скршени излозите. По нередите, градоначалникот Осман Бајдемир, кој е исто Курд, вака им се обрати на маскираните демонстранти.

„Ви честитам на храброста, а сега е време да си заминете дома!„

Поради ваквата изјава, против него се води истражна постапка, што само уште повеќе ќе го продлабочи јазот меѓу Курдите и турската држава. Тој е веќе ионака огромен, за што сведочи реакцијата на Министерот за внатрешни работи на барањето за поголема културна автономија на Курдите, како на пример воведување на курдскиот јазик како предмет во училиштата:

„Никому нема да му појде од рака во нашата убава земја да го поремети единството, заедништвото и мирот!„