1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непознати соседи - како Германците гледаат на мигрантите?

Александра Шерле/ Александра Трајковска10 октомври 2012

Се’ повеќе високо квалификувани доселеници изминатите години се доселија во Германија. Но дали се промени и сфаќањето на Германците за доселеницитe?

https://p.dw.com/p/16Jhb
Фотографија: rgvc/Fotlolia

„Како е можно да зборуваш толку добро германски?“ Ова прашање честопати и‘ го поставуваат на новинарката и ТВ водителка Елиф Зенел, иако таа е родена во Германија. „Но, сепак забележав разлика меѓу генерациите: само постарите го прашуваат тоа, оти за помладите луѓе во Германија е нормално, некој кој нема име кое звучи германски да припаѓа кон нив“, вели Елиф Зенел. Нејзините родители во 70-тите години од Анадолија се преселија во Германија. Татко и‘ на Елиф Зенел е еден од т.н. „гастарбајтери“ (кои Германија ги примаше уште од 50-тите години на минатиот век), и работеше како металостругар.

По германското обединување во земјата се доселија голем број луѓе, членови на семејствата на малцинствата во Германија, кои претходно живееја во странство. Во првата деценија на 21. век во Германија се доселија посебно голем број натпросечно квалификувани доселеници: 21 процент од доселениците во 2009. година имале високо специјализирана стручна раководна функција, се вели во студијата на Институтот за германското стопанство. „Со оглед на тоа што се’ повеќе висококвалификувани луѓе доаѓаат во Германија, сликата за образованите странци избива во преден план и ја засенува старата слика за нискоквалификувани гастарбајтери“, вели експертот за миграција Клаус Баде. До 1. јули 2012. година тој раководеше со Експертскиот совет на германските фондации за интеграција и миграција.

Позитивна слика – се' до поединечните групи

„Севкупно сликата за мигрантите се сврти на позитивно, со исклучок на одредени групи“, појаснува Клаус Баде. Впрочем, ксенофобија постоела отсекогаш: „Во 50-тите години тоа беше Италијанецот, кој свирка зад германските девојчиња, во 80-тите и во 90-тите тоа беа криминалните Источноевропејци, денес тоа се претежно Ромите од новите ЕУ - држави Романија и Бугарија, кои доаѓаат во Германија“.

Klaus Jürgen Bade
Клаус Јирген БадеФотографија: privat

Одбивноста на населението кон Ромите ќе доведе до „изобличена слика за Романците и за Бугарите“ иако од овие земји во Германија доаѓаат и многу висококвалификувани граѓани.

Друг исклучок за општо позитивниот„имиџ“ на мигрантите во Германија се муслиманите, критикува Баде. „Публикациите како книгата ’Германија се укинува сама себеси’ од Тило Сарацин водат кон антиисламска агитација, при што се инсинуира дека муслиманите биле опасни и тендирале кон фундаментализам“.

Дебатата за оспоруваната книга на Сарацин во која станува збор за пропадната интеграција, се отсликува и во резултатите од анкетите „Барометар на миграцијата“, годишна експертиза која ја подготвува Експертскиот совет на германските фондации за интеграција и миграција. „На крајот на 2009. година, значи уште пред дебатата, повеќето луѓе со и без миграциско потекло сметаа дека соживотот меѓу Германците и мигрантите е претежно позитивен“, вели Баде. „Само една година подоцна можевме да забележиме значително намалување на оптимистите за интеграцијата, на двете страни“. Но во 2011. година овој тренд повторно се промени. „Тоа покажува дека доселеничкото општество може многу повеќе да биде оптоварено, отколку што смета политиката – ваквите дискусии не го иритираат“. Овие анкети исто така покажуваат дека лицата со или без миграциско потекло имаат слични гледишта: на пример 60 проценти од двете групи се за тоа во Германија да се досели повеќе висококвалификуван кадар. 70 проценти од испитаниците од двете групи сакаат да се заложат за тоа интеграцијата да успее.

„Мигрантите се посамоуверени“

Меѓутоа и самата класична поделба меѓу луѓе со и без миграциско потекло, каква што честопати се прави во општеството, политиката и медиумите, е проблематична, смета експертот за миграција Паул Мехерил. „За да се етаблира вистинска култура на добредојде во Германија, неопходно е поголемо разбирање дека овде живеат луѓе со различно потекло и со различен изглед“, вели професорот за меѓукултурно образование на Универзитетот Олденбург. Имено самите поими како „миграциско потекло“ укажуваат на „припишување на нешто што е туѓо“.

Journalistin Elif Senel
Новинарката Елиф ЗенелФотографија: Elif Senel

Првите импулси за едно ново дефинирање на односот со луѓето кои немаат германски корени, новинарката Елиф Зенел ги забележа на германската телевизија. „Во сериите и ТВ сапуниците постојано може да се види ирански лекар или турски деловен посредник, без да се тематизира неговото потекло на кој било начин“.

Се' на се', Германија како доселеничко општество направи голем напредок во последните десет години, сликата на мигрантите општо е попозитивна од порано, смета Елиф Зенел. „Тоа е и поради тоа што и мигрантите се се’ повеќе самоуверени. Моите родители и многу други гастарбајтери порано не сакаа да бидат впечатливи и едноставно беа благодарни, што воопшто смеат да живеат во Германија“, се присетува телевизиската водителка. „Меѓутоа премногу благодарност и скромност се пречка за ангажман во новото општество, да се учествува во неговото обликување. Оној кој настапува самоуверено, тој повеќе е респектиран“.