1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неонацистички терор: повеќе прашања отколку одговори

Марсел Фирстенау/ Симе Недевски4 ноември 2012

Пред една година беше откриена десно-екстремистичка терористичка група која си го дала името Националсоцијалистичко подземје. Германија беше во шок. Најавеното расветлување на сите околности до денес не се случи.

https://p.dw.com/p/16caz
Фотографија: dapd

На 4. ноември 2011 година во германскиот град Ајсенах беше ограбена една банка. Ограбувачите со својот плен од 70.000 евра побегнале на велосипеди. Со помош на сведоци полицијата добила корисни информации. Веќе 2 часа по инцидентот полициските службеници им се на трага на криминалците и му се приближуваат на авто-трејлерот кого набргу го зафаќа пламен. Во остатоците на изгореното возило полицијата открива трупови на двајца мажи кои извршиле самоубиство. Се работи за двајца неонацисти кои во 90-тите  години од минатиот век преминале во илегала- Уве Мундлос и Уве Бенхард.
Во тој момент се’ уште никој не ги насетува размерите на овој мистериозен случај. Во текот на истрагата полицијата наоѓа повеќе парчиња оружје, меѓу останатото и пиштол со кој во април 2007. година во Хајлброн е убиена полицајката Мишел Кизеветер. Целата работа станува уште помистериозна кога истиот ден, во попладневните часови, по експлозијата изгоре куќата во градот Цвикау во која живееле двајцата ограбувачи со жената со име Беате Чепе.

Клучен доказ

Во урнатините на куќата истражителите наоѓаат видео снимка во која нејзините автори се фалат за убиствата сторени од септемри 2000 година. Нивните жртви, покрај полицајката од Хајлброн, се и уште 9 мажи со миграциско потекло. Таа невкусна видео снимка е клуч за откривање на серија убиства кои ја доведувале во очај полицијата долги години. Одеднаш станува јасно дека зад убиствата на 8 мали претприемачи со турско потекло и еден Грк стои терористичката тројка која самата се нарекува „Националсоцијалистичко подземје“(НСУ).
Мотивот на тие злосторства е, значи, омразата кон странците, злосторнички расизам. Пред тие сознанија истражителите биле уверени дека се работи за одмазднички пресметки во мафијашкото милје во кое доминираат турски мигранти. Тоа уверување беше истакнато и во медиумските извештаи за серијата убиства- невкусно се зборуваше за „Донер (кебап) убиства“. Во која насока трагала полицијата, покажува и името на специјалниот истражувачки тим- „Босфор“.

Оставка на шефот на тајната служба

11 години по првото убиство на НСУ шокираната јавност дознава дека неонацисичката тројка патувала низ земјата, ограбувала банки и ликвидирала најмалку 10 луѓе. Шокот беше поголем затоа што можеби тие злосторства можеле да се спречат. Германската национална тајна служба, Канцеларијата за заштита на уставниот поредок, ги познавале сторителите на овие злосторства уште од 90-тите и покрај интезивното набљудување им загубиле трага. Веќе со месеци повеќе државни и покраински парламентарни истражни комисии се занимаваат со расветлување на грешките и пропустите на безбедносните служби. Долгогодишниот претседател на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БФШ) Хајнц Фром подесе оставка. Повод беше акцијата на уништување на важни документи за кои тој наводно не знаел. Канцеларката Ангела Меркел им вети на семејствата на жртвите целосно расветлување на околностите за злосторствата. Таа истакна дека чувствува срам и тага, под впечаток на незамисливите злосторства. На централната комеморација на 23. февруари годинава во Берлин таа изјави дека фактот оти убијците со години се барани во кругот на семејството на жртвите и „создава мачнина“. „Затоа ве молам да ми простите“, им се обрати Меркел на роднините на жртвите. Во меѓувреме по налог на владата поранешната берлинска комесарка за странци Барбара Јон се грижи за семејствата на жртвите. Покрај психолошката поддршка, таа ја координира и материјалната помош, како пензиите за жртвите.

Јакнење на расизмот?

Недамна Барбара Јон заедно со председателот на турската заедница во Германија, Кенан Колат, јавно се пожали поради јакнење на расизмот во Германија. Двајцата не се сигурни дека од откривањето терористичката група НСУ се извлечени вистински поуки. Барбара Јон го критикува затворениот свет на безбедносните органи и тврди дека е нужна пред се’ промена на менталитетот која владее во нив. Колат пак оди подалеку и бара распуштање на Службата за заштита на уставниот поредок, во обликот во кој таа сега постои. „Таа го загрозува демократскиот државен поредок“, смета Колат.
Серијата злосторства правосудно се’ уште се наоѓа на почетоток на процесот на расветлување. Единствената жива главна осомничена Беате Чепе е веќе една година во затвор. Таа и се предаде на полицијата 4 дена по откривањето на  НСУ, но одбива да даде изјава. Се очекува Државното обвинителство наскоро да поднесе тужба.

Расправа за забрана на НПД

Во текот на истрагата за околностите на злосторствата на НСУ вниманието повторно е насочено и кон Национал-демократската партија (НДП). Таа партија, која не ги крие своите десничарски ставови, многу познавачи на екстремистичката сцена ја сметаат за политички двигател на десничарското милје подготвено за насилство. Јасно е дека постоеле врски помеѓу НПД и НСУ. Меѓутоа стручњаците спорат околу прашањето дали се тие доволни за да може да се докаже дека НПД има „агресивно-борбен“ став спрема демократскиот државен поредок. Уште во текот на годинава министрите за надворешни работи на сојузно и покраинско ниво планираат да одлучат за тоа дали на Сојузниот уставен суд ќе му биде предадено второ барање за забрана на НПД. Веќе со месеци надлежните органи собираат доказен материјал. Првиот обид за забрана на партијата која е основана 1964. пропадна пред 8 години поради преголемиот број доушници на германската тајна служба на водечките позиции во НПД.
Расветлувањето на околностите за злосторствата на терористичката група НСУ сигурно уште долго ќе ја окупираат Германија. Роднините на жртвите нестрпливо го очекуваат пред се’ непосредниот почеток на процесот против Беате Чепе и останатите осомничени. „Нашата длабока желба за потполно расветлување ќе биде задоволена дури откако ќе бидат изречени судските пресуди“, изјави за медиумите Керим Шимшек. Неговиот татко Енвер беше прва жртва на десничарските терористи од Цвикау. Овој цвеќар е убиен на 9. септември 2000 година во Нирнберг.

NPD Demonstration am 1. Mai 2012 in Berlin, Sebastian Schmidtke
Фотографија: Getty Images
Gedenkstein für NSU-Opfer in Dortmund
Фотографија: picture-alliance/dpa
Carsten S wird in Karlsruhe aus einem Hubschrauber abgefuehrt
Фотографија: dapd
Ruine der Wohnung der Zwickauer Terrorzelle
Фотографија: DW