1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема шега со државјанството, дури ни за родените Германци

Ања Кригер/ Жана Ацеска 16 септември 2013

Оној кој ќе го загуби своето германско државјанство во странство, нема никакви изгледи да го добие повторно. Надлежните ги одбиваат ваквите барања. Тоа е притивзаконски, критикуваат многумина.

https://p.dw.com/p/19cYn
Фотографија: DW/A. Krüger

Ребека Хас-Цетин изгледа онака како што многумина си замислуваат една германска жена. Таа е висока и слаба, со руса коса и сини очи. 48-годишната Ребека израснала во јужногерманскиот Ротвајл и со својот маж, авторот на филмови Синан Цетин, живее во истанбулскиот кварт Таксим. Таа би била среќна и задоволна, но нешто ја мачи: таа веќе не е Германка. Пред две години морала да го врати германскиот пасош и личната карта во германскиот конзулат во Истанбул, за неа-трауматично искуство.

„Си го сакам мојот германски пасош, се чувствувам неубаво што веќе не сум Германка“, вели таа.

Интенцијата на германското право е да спречи граѓаните покрај германска, да имаат и втора националност. Тоа не е проблем само за луѓето со странски корени во Германија, со тоа се судираат и Германците кои живеат во туѓина. Илјадници го загубиле германското државјанство против своја желба, проценува експертот за управно право, Мајнхард Аде. Тој своевремено го водел ресорот внатрешна политика во претседателскиот кабинет на Рихард фон Вајцсекер.

Денес 69-годишниот правник се обидува да им помогне на поранешните германски државјани во странство за повторно да станат Германци. Ако тие зеле државјанство од земја членка на ЕУ, нема проблеми. Но, за оние кои живеат надвор од ЕУ, повторното стекнување со државјанство е речиси неможно. За тоа не е одговорна законската основа, туку надлежната Сојузна служба за управа од Келн, вели правникот. Службата редовно го крши законот, спречувајќи Германците повторно да станат Германци.

Службата молчи на обвинувањата

Сојузната служба за управа не одговори на прашањето на Дојче веле дали поранешните Германци повторно можат да земат германско државјанство и колкумина би можеле да го направат тоа. Службата не ги коментира ни обвинувањата на Аде. Сојузна Република Германија треба да има корист од доделувањето свое државјанство, се вели во едно писмо до поранешна Германка, која живее на Блискиот Исток и сака да остане анонимна. Тоа е случај ако престојот на подносителката на барањето или на нејзиниот маж е во интерес на Германија.

„Бидејќи тоа ретко може да се докаже, најголем дел од барањата за враќање на германското државјанство се одбиваат“, стои во писмото на службеникот.

Deutschland Türkei Rebekka Haas Cetin Verlust Staatsangehörigkeit
Ребека Хас-ЦетинФотографија: DW/A. Krüger

Ребека Хас-Цетин за жал е свесна за тоа. Снимателката и филмска работничка во Истанбул живее од 1990 година. Нејзините три деца имаат германски и турски пасош. Кога сакала да купи земјиште со расадник од маслинки и дознала дека во Турција земјиште можат да купат само Турци, посакала и таа, како и децата, да ги има двете државјанства.

Ребека знаела дека прво мора да ја добие т.н. дозвола за задржување на германското државјанство. Тоа е предвидено со реформата на германскиот закон за државјанство од 2000. година. Само оној кој има ваква дозвола, може да прими друго државјанство, без да го загуби германското. „Дури откако ја имав потврдата, поднесов барање за турско државјанство“, вели Хас-Цетин, која направила сѐ правилно. Но, добивањето турско државјанство е комплицирано, трае мала вечност-четири години. На крајот, успеала: „Морав да одам во државна служба и да ја пеам турската национална химна, па дури тогаш добив турски пасош“.

Deutschland Türkei Anwalt Meinhard Ade Verlust Staatsangehörigkeit
Мајнхард АдеФотографија: DW/A. Krüger

Потврда со ограничено траење

Не сомневајќи се во ништо, еден ден се јавила во германскиот козулат за да побара нов пасош.

„Можете ли да наминете кај нас? Мислам дека имате проблем“, ѝ рекол службеникот на телефон.

Во конзулатот доживеала шок. Дозволата за задржување на германското државјанство имала важност од две години. Многумина Германци кои живеат во странство не ни знаат дека им е потребна таква дозвола кога бараат друго државјанство, а ако знаат, не им е познато нејзиното временски ограничено важење, вели правникот Аде.

Ребека Хас-Цетин била потресена од ова сознание. Ќе може ли редовно да ја посетува мајката во Ротвајл? Што ќе се случи ако се заострат политичките односи со Турција? Се чувствува виновна што не внимавала на рокот на дозволата и сака да ја поправи грешката, но не знае како.

„Ова е недоразбирање, па јас сум Германка“, вели таа.

Враќањето на германското државјанство од странство е речиси невозможно. Не поради законите, туку затоа што Сојузната служба за управа ги искривува намерите на законите, истакнува правникот Аде. Според него, оваа служба не смее да бара доказ дека подносителите на барањето можат сами да се издржуваат во Германија, па дури и дека немаат намера да се вратат во земјата. А се случува токму тоа.

„Како домаќинка моментно не располагате со никакви сопствени примања“, се наведува во одбивањето на молбата на една жена. Таа во Германија не завршила никакво училиште, нема занает и работела само како „приучена продавачка“. затоа, не може да се бара таа да докаже способност сама да се издржува во Германија, вели правникот Аде. Нејзиниот сопруг со женидбата добил германско државјанство и смеел да го задржи своето. По два пасоша имаат и децата. Единствено родената Германка во семејството веќе не е Германка, зашто германските власти тоа не ѝ го дозволуваат.