1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема станови за Германците

Ане Херцлиб/Б. Георгиевски17 март 2013

Се’ помалку луѓе во Германија успеваат да дојдат до стан со прифатлива цена. Особено погодени се семејства со ниски и средни примања. Социјални станови се градат се помалку, а луксузните малкумина можат да си ги дозволат

https://p.dw.com/p/17Y9q
Фотографија: Fotolia/Udo Kroener

Едно младо семејство бара стан во Штутгарт. Веќе една година, но залудно. Притоа и двајцата родители се вработени. Романа Фридрих е воспитувачка, а мажот Кевин Шимпф е магационер.

„Доколку не работите во Порше, Дајмлер или слично, мислам дека мнозинството ве сметаат за подолна класа. Ако некој работи како магационер, или како воспитувачка, иако тоа е добра работа, сите знаеме дека не може да се заработи толку многу како што заработуваат инженерите во Порше“, вели Кевин Шимпф.

Младите семејства со низок или среден приход се губитници во градови како Штутгарт. Двајцата можат месечно да платат кирија од најмногу 750 евра. Но, во оваа ценовна категорија има премалку станови и премногу заинтересирани. Романа ја покажува куќата во која до неодамна живееле. Но, и тука биле одбиени. Образложението на сопствениците често пати е исто.

„Вие сте премногу млади и уште со две деца. Вие сте во ред, но со две деца. Тоа станува прегласно и вашата ќерка го уништува станот“, го прераскажува Романа редовниот одговор од сопствениците.

Wohnungsbau Moderne Luxuswohnungen am Main in Frankfurt
Наместо социјални се градат луксузни станови, како овие во ФранкфуртФотографија: picture-alliance/ dpa

Во Штутгарт има премалку достапни станови. Градот лежи во долина. Просторот за нови градби е ограничен. Притоа во последниве години тука не беа изградени доволно социјални станови. Недостасуваат најмалку 15 илјади, велат од здружението на станари.

„Градот и покраината ќе мора да инвестираат за повторна изградба на социјални станови. Она што досега е изградено е премалку. Тоа не е ни капка во морето и ќе мора повторно да се гради“, објаснува Ролф Гасман од здружението на станари на покраината Баден Виртемберг.

Но, новите градби во Штутгарт се претежно луксузни станови. Продажна цена - 4 илјади евра по квадратен метар. За Романа и нејзиното семејство тоа е недостижно.

„Ни преостануваат уште две и пол недели да најдеме нов стан“, вели Романа.

Потоа ќе мораат да се иселат од стариот стан. Се’ уште се надеваат дека во Штутгарт ќе успеат да најдат нешто прифатливо.