1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема согласност за стратегија за името

16 јуни 2009

Собранието на Македoнија не ја стави на дневен ред предлог- стратегијата за името. Во јавноста се води широка дебата околу проблемот, во очи новата рунда преговори со медијаторот на ОН, Метју Нимиц.

https://p.dw.com/p/IAVw
Македонскиот парламентФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот парламент не ја стави на дневен ред предлог-државната стратегија за решавање на разликите со Грција околу името. Ова уследи откако парламентарните партии вчера, по целодневни консултации, не успеаја да ги усогласат ставовите по текстот на документот.

Подносителот на предлог-државната стратегија Стојан Андов изјави дека партиите покажале „несериозен однос кон едно важно прашање од национален интерес“.

Изненадување предизвика предлогот на Имер Селмани и Нова Демократија за клучна измена во стратегијата околу грчко-македонските преговори. Тие бараат, притоа да се земе в предвид и мултиетничкиот карактер на државата.

Андреј Петров од опозициониот СДСМ пак реагираше: „Социјалдемократскиот сојуз смета дека се работи за однапред смислен план за одолговлекување на стратегијата. Но, ние сме подготвени, во оној момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе биде подготвено, да разговараме за сите нивни барања“, рече Петров.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата дека тактизира и изрази надеж дека преговорите за усогласување на текстот на државната стратегија ќе продолжат „во вторник или во наредните неколку дена“.

Американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер, вчера (15.06.09) оцени дека е најдобро да се смират емоциите и процесот на преговори за името да продолжи.

Автор: АЧ/миа/макфакс

Редактор: Александра Трајковска