1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема прослава на АСНОМ во Прохор Пчински

21 јули 2010

Кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов попладнево (21.07.2010) соопшти дека е донесена конечна одлука големиот историски настан да се прослави во Пелинце.

https://p.dw.com/p/OQwa
Кабинетот на претседателот се одлучи за ПелинцеФотографија: MIA

Македонија годинава нема да го чествува АСНОМ на Прохор Пчински. Шефот на државата ќе прослави во Пелинце. Српскиот манастир годинава не е во агендата за одбележување на годишнината од истoрискиот настан, соопшти денеска Кабинетот на претседателот.

Во истовреме негира дека било испратено барање до СПЦ да се дозволи влез во манастирските конаци каде во 1944 година се удрени темелите на современата македонска држава.

Одлуката на владата е збунувачка

Das Kloster Prohor Pcinjski
Манастирот Прохор Пчински на македонско-српската границаФотографија: Stojanovski

Протоколот на Иванов не сака да навлегува во детали зошто е донесена таква одлука која е особено збунувачка по ланското нормализирање на односите кога е во прашање прославата во Прохор Пчински. Македонската Црква има свое толкување кое звучи сосема реално ако се има предвид заднината на спорот и искуството од минатите години. За Дојче Веле владиката Петар задолжен за односите меѓу двете цркви изјави:

„Кога ќе се случат некои работи кои не се во интерес на Српската црква тие веднаш поставуваат нови услови. Сега сметам дека работите во однос на Прохор Пчински се сменети по донесувањето на одлуката на Апелациониот суд, со која се потврдува затворската казна за Вранишковски.“

Ланскиот Илинден беше во знакот на добрата волја. Со нова спомен-плоча на која е испишан историскиот настан и ширум отворени врати на манастирот Св. Прохор Пчински беа пречекани гостите од Македонија на големиот јубилеј. На 65 години од АСНОМ, вториот Илинден владино-парламентарна делегација предводена од претседалот на Собранието, Трајко Вељановски положи цвеќе пред спомен-плочата поставена пред капијата веднаш до манастирската чешма. Годинава Вранишковски очигледно повторно станува фактор што ги држи во заложништво не само односите меѓу двете цркви, туку и меѓудржавните релации.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Симе Недевски