1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема преживеани во авионската несреќа кај Бејрут?

25 јануари 2010

Рано утринава пред брегот на Либан се урна патнички авион на етиопската државна авио-компанија со вкупно 90 лица. Боингот 737 на „Етиопијан ерлајнс“ се наоѓал на пат од Бејрут кон Адис Абеба. Засега нема преживеани.

https://p.dw.com/p/Lg0f
Ќе најдат ли сепак некој преживеан? Бродови и хеликоптери пред брегот на ЛибанФотографија: AP

Претставник на авио-компанијата „Етиопијан ерлајнс“ на аеродромот во Бејрут изјави дека засега не располага со информации за преживеани. Исто така извор на либанската армија ги демантираше јавувањата дека војниците вклучени во спасувачката акција пронашле преживеани патници. Во акцијата учествуваат повеќе бродови и хеликоптери од земјата и од странство, меѓу нив и по еден брод од Германија и Италија. Ним досега им појде од рака да извлечат 12 тела на загинатите. Операцијата се одвива во отежнати временски услови на околу 3,5 км од брегот на Либан.

Гром причина за несреќата?

Според официјалните инфорации, токму лошите временски услови се најверојатно причина за несреќата. Авионот полетал ноќеска во 2:35 по локално време од меѓународниот аеродром во Бејрут и по само неколку минути контролната кула го загубила контактот со пилотот. Според очевидци на настанот се слушнал силен тресок и потоа виделе како авионот паѓа во морето обвиен во огнени јазици. Портпарол на аеродромските служби утринава тврдеше дека во авионот удрил гром. Претставници на либанската армија потврдија дека во авионот имало пожар пред да се урне, но претседателот Мишел Сулејман посочи дека засега нема индиции за терористички напад. Либанскиот министер за сообраќај Гази Ариди оцени дека причина за насреќата се најверојатно лошите временски услови за време на полетувањето.

Flugzeugabsturz Beirut Libanon Minister Ghazi Aridi
Министерот за сообраќај на Либан, Гази Ариди при пристигањето на аеродромот во БејрутФотографија: AP

Доверлива авио-компанија

Меѓу патниците на боингот 737 се наоѓале претежно либански и етиопски граѓани. Според списоците на авио-компанијата „Етиопијан ерлајнс“ 51 патник бил од Либан, 23 од Етиопија, два од Велика Британија, а останатите потекнувале од Франција, Турција, Русија, Канада, Сирија и Ирак. Извори на либанската армија потврдија дека меѓу нив се наоѓала и сопругата на францускиот амбасадор во Либан.

„Етиопијан ерлајнс“ се смета за модерна и доверлива авио-компанија со релативно нови авиони. Таа има и подолга традиција, основана е во 1945 година. Во моментов „Етиопијан ерлајнс“ покрива 56 цели на четири континенти, меѓу кои е и Франкфурт на Мајна. Во 2008 година ја доби наградата за најдобра авио-компанија на африканскиот континент.

Автор: ГЧ/АТ/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска