1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема не сакам, зашто инаку следува тужба!

5 февруари 2010

Сексуалната ориентација ќе мора да биде дел од законот за заштита од дискриминација, за кој последниве неколку денови се води жестока дебата во Македонија.

https://p.dw.com/p/LtJt
И хомосексуалците се Европејци стои на плакатот (архива)Фотографија: dpa

Постоечкиот нацрт-закон не ги задоволува европските критериуми. Во него се избегнува експлицитното наведување на дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и се заменува со зборовите “и друго“. Активистите за човекови права се загрижени дека на овој начин не им се пружа доволна судска заштита на хомосекусалците и дека нападите врз оваа група ќе продолжат.

„Европските пратеници во Парламентот изразија загриженост поради нацрт-законот во Македонија, затоа што првичните нацрти содржеа заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и во последен момент, под притисок на конзервативните групи, ова беше повлечено. За нас е неприфатливо бидејќи создава хиерархија во дискриминација“, вели Бруно Селун, координатор на групата на лезбејки, хомо, транс и бисексуалци во ЕП.

Од Европската комисија се‘ уште чекаат да го разгледаат новиот маедонски закон, кој впрочем требаше да биде донесен одамна, како услов за визната либерализација.

Оттаму потсетуваат дека постојат две европски директиви за заштита од дискриминација. Едната од нив се однесува на заштита на работното место и ги содржи следните основи - раса, етничко потекло, хендикеп, вера, род и сексуална ориентација. Земјите членки и кандидати мораат оваа директива ја преточат како знаат и умеат во домашното законодавство или устав.

Македонија мора да го усогласи законот со европските директиви

За европратеникот од Велика Британија, Мајкл Кешмен, нацрт-законот на македонската влада е неприфатлив и неевропски. Тој има намера ова прашање да го покрене пред Европската комисија, а Македонија, вели тој, ќе мора да ги усогласи законите со европските директиви, како што тоа го сторија сите земји членки, па дури и оние кои важат за најхомофобични:

Homosexuelles Paar mit Kind
Многу членки на ЕУ не дозволуваат бракови или посвојување деца од страна на хомосексуалците, но минимумот што мора да се даде е заштита од дискриминацијаФотографија: AP

„Сите 27 земји членки ја имаат оваа заштита. Дали сите тоа доброволно го сторија? Се разбира дека не. Но, она што пристапувањето го прави е дека вели - ако сакате да влезете во овој клуб има некои правила. Полска прифати, Литванија исто така прифати, а потоа проба да се извлече, но и ЕК и ЕП рекоа не, нема повлекување! Да, ќе морате да објасните зошто овие закони се потребни, треба да внесете културолошка промена. Законите поставуваат стандарди според кои едно општество очекува од цивилизрани обични граѓани да се однесуваат културно. Културата се прилагодува, социјалните навики се прилагодуваат на стандардите.“

Кешмен потсетува и дека под притисок на Европскиот парламент пред пет години беше одбиен италијанскиот кандидатот за комесар Роко Бутиљоне токму поради неговите ставови кон хомосексуалците и различноста во сексуалната ориентација. Затоа Македонија не треба да ја потценува моќта на оваа институција во областа на човековите права.

На наредната страница:

Речиси цел регион го има донесено законот

Законот за антидискриминација е усвоен речиси во сите земји од регионот со експлицитна заштита за сексуална ориентација, дури и во Косово. Во Албанија, премиерот Бериша прифати да отвори дебата дури и за можно легализирање на хомосекусалните бракови. Токму стравот од хомосекусланите бракови беше аргументот на владеачката партија во Македонија за бришење на сексуалната ориентација од нацрт-законот.

Schwule in Europa - Symbolbild
Доколку Македонија не го промени нацрт-законот, европратениците се подготвени да ја тужат државата пред Европскиот судФотографија: PA/dpa/DW

Бруно Селун објаснува дека тоа е лажна дебата и дека овој закон никако не значи легализација на браковите од ист пол.

„Многу држави членки на ЕУ не дозволуваат бракови или посвојување на деца од страна на хомосексуалците, многу малку држави во ЕУ и во светот го дозволуваат ова, меѓутоа сите во ЕУ ги заштитуваат овие малцинства. Не треба да дадете еднакви права, но минимумот што морате да го дадете е заштита од дискриминација.“

Реагираше и организацијата Хјуман Рајтс Воч. Освен европските, Македонија со ваков нацрт-закон не ги почитува ни меѓународните заложби, се вели во соопштението на организацијата. Тишината е еднаква на нееднаквост, избегнувањето да се спомене експлицитно заштитата врз основа на сексуалната ориентација ги остава овие луѓе незаштитени.

Законот ќе биде разгледуван детално во Брисел

Пратеникот Кешмен предупредува дека доколку Македонија не го промени овој нацрт-закон, европратениците се подготвени да ја тужат државата пред европскиот суд:

Schwule in Hong Kong
ЕК ќе го разгледува детално Законот за антидикриминацијаФотографија: AP

„Јас ова прашање ќе го покренам во ЕК и во Советот и ако сево ова не успее останува опцијата да се отвори прашањето пред Европскиот суд за правда, затоа што ако станува збор за раса, вера или било која друга основа, ќе го имав истиот однос. Не можете да тетирате група граѓани, даночни обврзници, различно од другите граѓани. А ако сакате тоа да го направите, за вас нема место во ЕУ.

Европскиот суд за правда, ако стигнеме дотаму, ќе разгледа дали законот е во согласност со европските директиви за антидискирминација.

Демохристијанскиот аргумент е невалиден за Европската унија, сите земји членки, и најконзервативните, им обезбедуваат на сите малцинства основна правна заштита преку законите. Ако владата на ВМРО ДПМНЕ не најде храброст да ја вметне сексуалната ориентација во законот, оваа улога ќе треба да ја преземат самите пратеници во Собранието, потсетуваат во Брисел.

ЕК ќе го разгледува детално овој задоцнет закон за антидикриминација, но дипломатите овде во Брисел веќе коментираат дека нема речиси никакви шанси тој да помине каков што е сега, без експлицитно споменување на заштитата од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска