Нема наплив на азиланти во богатите земји
24 март 2010Бројот на луѓе кои побарале азил во некоја од богатите индустриски земји во 2009-та година не се променил во однос на претходната година. Лани околу 380 илјади имигранти побарале азил во индустриските земји, слично како и во 2008-та, соопшти УНХЦР. За некаков наплив на азиланти во богатите земји не може да стане ниту збор, вели портпаролката на УНХЦР Мелиса Флеминг.
„Популистите тврдат дека има наплив на азиланти во Европа. Нашата статистика покажува оти тоа не е точно. Бројката на баратели на азил во индустриски развиените земји е иста, односно не е покачена“.
Бројките сепак се разликуваат од земја до земја. Па така, во Германија минатата година се поднесени за една четвртина повеќе барања за азил. Во Италија и во Турција, напротив, бројката е значително намалена. Најголем број азиланти заминале за САД, потоа за Франција, а Германија е на петтото место во светски рамки.
...но има во сиромашните земји!
Портпаролката Флеминг потенцира дека не треба да се заборави оти најголемиот број азиланти не се прифатени во индустриските земји, туку во сиромашните. Тоа го покажува и примерот со Авганистанците, кои се најголема азилантска група.
„1,7 милиони Авганистанци пребегале во Пакистан, а еден милион во Иран. Ако се споредат овие бројки со податокот дека 27 илјади Авганистанци емигрирале во богатите индустриски земји, се покажува дека тврдењето оти бегалците заминуваат кон богатите земји е еден обичен мит“.
Најголемиот број азиланти во индустриските земји дошле од Авганистан, а потоа следуваат Ирак и Сомалија. Бројот на азиланти од Авганистан во 2009-та се удвоил во споредба со 2008-та, додека од Ирак се преполовил. Голем број барања за азил доаѓаат и од Русија, Кина и Србија. Во извештајот, сепак, нема податок колку од барањата за азил биле прифатени од надлежните власти.
Автор: Паскал Лехлер/ Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска