1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нелсон Мандела погребан во родното место

ЖА/ртре/миа15 декември 2013

По десет дена жалост, првиот црн претседател на Јужна Африка и легендарен борец против апартхејдот, Нелсон Мандела, кој почина на 5 декември на 95-годишна возраст, е погребан денеска во своето родно село Куну.

https://p.dw.com/p/1AZyz
Фотографија: Reuters

По официјалната церемонија на простување, ковчегот со посмртните останки на Мандела го презеде неговото семејство заради погреб според традицијата на племето Коса, во гробницата на семејниот имот во тоа село, во кое Мандела го помина детството и деновите по напуштањето на политиката. На барање на семејството, на ритуалниот погреб присустуваа само неколку стотици лица.

Пред погребот, од Мандела на официјална церемонија се простија членови на семејството, негови поранешни соборци и сонародници.

„Ова е крај на 95 славни години на борецот за слобода, посветен и покорен слуга на народот на Јужна Африка“, рече јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума на официјалната церемонија на простување од Мандела.

Trauer Mandela Südafrika
Фотографија: Reuters

„Иако долгиот пат кон слобода е завршен во физичка смисла, нашиот сопствен пат продолжува. Мораме да продолжиме да градиме тип на општество на чие градење ти неуморно работеше. Мораме да го преземеме твоето наследство“, рече Зума.

Церемонијата почна со песни на племето Коса, на кое припаѓа кланот на Мандела, Тембу. Во чест на добитникот на Нобеловата награда за мир од 1993 година, кој 27 години помина по затвори за време на апартхејдот, е истрелан 21 почесен плотун, а неговиот ковчег прекриен со знамето на Јужна Африка беше опкружен со 95 поставени свеќи, за секоја од неговите проживеани години.

„Личноста која лежи овде е најголемиот син на Јужна Африка“, рече заменик лидерот на владејачкиот национален конгрес (АНК) Сирил Рамапоса, а соборецот на Мандела против апартхејдот, кој со него беше заробен на островот Робен, Ахмед Катрада, во емотивниот говор потсети на „големите резерви“ на љубовта на Мандела, трпение и толеранција.

На церемонијата присуствуваа околу 4.500 гости - роднини, јужноафрикански функционери, претседателот Зума и надбискупот Дезмонд Туту, претставници од странство како што се британскиот принц Чарлс, принцот од Монако Алберт Втори, поранешниот премиер на Зимбабве Морган Цвангираи, американскиот борец за човекови права Џеси Џексон, телевизиската ѕвезда Опра Винфри и милијардерот Ричард Бренсон.

Ковчегот со посмртните останки на Мандела е донесен во Куну вчера, а во текот на изминатата ноќ околу него бдееја членови на неговиот клан Тембу.

Церемонијата на погребување се состоеше од елементи на државен погреб и елементи на традиција на племето Коса.

Поголем дел од околу седум милиони припадници на Коса племето живеат на североистокот на државата во провинцијата Источен Кејп, а нивната култура верува во постоење на душата на претците. Простувајќи се од Мандела, племенскиот лидер Нгангомхлаба Матанзима рече дека „паднало големо стебло“. Обраќајќи се во името на децата и внуците, внуката на Мандела Нанди, рече дека нејзиниот дедо како дете одел босоног на училиште во Куну, а на крајот станал претседател и фигура од светско значење.

„На нас останува да постигнеме во животот сѐ што сакаме“, рече таа, посакувајќи му на Мандела, „среќен пат“.

„Среќно Мадиба. Среќен пат во земјата на нашите претци, ти ја истрча својата трка“, рече Нанди на јазикот на племето Коса.