1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неколку држави знаат каде е Асанж

2 декември 2010

Нов шок во светската политика, откако Викиликс денеска објави документи во кои се пренесува оценката дека „Русија е мафијашка држава“. Шведскиот Врховен суд ја одби жалбата на Асанж против налогот за апсење.

https://p.dw.com/p/QO0L
Џулијан Асанж наводно се крие во југоисточна АнглијаФотографија: AP

Со тоа само делумно се отвори патот да се реализира меѓународната потерница за компјутерскиот хакер, кој во Шведска е обвинет за силување и малтретирање, бидејќи шведските власти денеска издадоа нова потерница, откако беше утврдено дека во првично објавената направиле техничка грешка.

Според последните информации, Асанж во моментов престојува во југоисточна Англија, но тамошните власти не постапиле по налогот за апсење откако ја утврдиле грешката. Неговиот адвокат Марк Стивенс потврди дека владите на повеќе држави, меѓу кои и британската, знаат каде се наоѓа Асанж. Портпаролот на американскиот Стејт Департмент, ПиЏеј Кроули изјави дека властите во Вашингтон деновиве контактирале со Асанж и барале од него да им ги предаде сите тајни американски документи, но тој одбил.

Wikileaks Hillary Rodham Clinton
Угледот на американскиот Стејт Департмент е сериозно разнишан поради аферата - Хилари КлинтонФотографија: AP

Животот на Асанж е во опасност

Портпарол на Викиликс соопшти дека животот на Асанж е во опасност, откако добил многу смртни закани и од тие причини тој е во постојано движење.

Викиликс и нејзиниот основач го навлекоа гневот на владите во повеќе светски држави откако објавија илјадници документи во кои се изнесуваат нивните „валкани алишта“. Оттогаш и започна хајката против Асанж. Според неговиот адвокат Стивенс, налогот на шведските власти е дел од таа хајка:

„Ја очекувавме оваа потерница. Живеевме во шведската бајка доволно долго и како последица на тоа сега го имаме шведскиот обвинител кој се однесува како гонител и побара извршување на меѓународен налог уште пред да бидат исцрпени сите правни средства во земјата. И сега таа обвинителка доби налог за апсење кој претходно беше отфрлен од Шведскиот апелационен суд. Ова е една надреална шведска бајка“, рече Стивенс.

Русија е „мафијашка држава“

Последните, денеска објавени податоци, предизвикаа нов скандал во светската политика, откако беше откриена оценката на еден шпански обвинител дека „Русија е мафијашка држава“ и дека премиерот Владимир Путин знаел за заговорот за убиство на руски дисидент во Лондон. Шпанскиот обвинител Хозе Гонзалес, кој со години водел истрага за активностите на руската мафија, во разговор со американски дипломати соопштил дека руското разузнавање и безбедносните служби го раководат организираниот криминал во таа земја, а некои политички партии работат „рака под рака“ со криминалците.

Russlands Ministerpräsident Wladimir Putin zum Auftakt des Führungstreffens Wirtschaft 2010 NO FLASH
Владимир Путин за Си-Ен-Ен ги отфрли тврдењата дека Русија е мафијашка државаФотографија: picture-alliance/dpa

Во интервју за Си-Ен-Ен, Путин ги отфрли обвинувањата, оценувајќи дека американските власти имаат многу погрешна претстава за руската демократија и ги предупреди да не се мешаат во руската внатрешна политика.

„Некои експерти веруваат дека некој намерно го снабдил Викиликс со податоците, за подоцна да извлече полза од тоа. Секако, тоа е само една од верзиите. Но и да не е така, дипломатите во иднина ќе мораат да водат повеќе сметка за нивната официјална кореспонденција. Вакви нешта се случувале и во минатото, и јас тука не гледам никаква катастрофа“, изјави Путин.

Во уште еден обид да го ограничат влијанието на Викиликс, американските власти му наредија и на провајдерот „Амазон“ да го отстрани сајтот од своите сервери, што наиде на бројни критики во светот.

Автор: БГ/СН/афп/ројтерс/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема