1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Неказнетите соучесници“ на ЦИА

Бен Најт / Е.М.Фиданоска11 февруари 2013

Амрит Синг од организацијата за човекови права „Open Society Justice Initiative“ (ОСЈИ) во интервју за ДВ зборува за соработка на 54 влади во светот со ЦИА за затворање на осомничени за тероризам.

https://p.dw.com/p/17bgG
Фотографија: picture-alliance/Landov

Амрит Синг од њујоршката организација „Open Society Justice Initiative“ (ОСЈИ) е автор на „Глобализирана тортура“, извештај на 216 страници од кој произлегува дека испораката на осомничени лица за тероризам не би била можна без активна соработка на десетици влади во светот. Меѓу нив е и Германија и 24 други европски земји, меѓу кои и Македонија.

„Програмата за затворање, како и онаа за израчување на осомничени за тероризам, биле строга тајна, спроведувани се надвор од САД и насочени се кон тоа да бидат сослушувани затвореници надвор од досегот на законите“, пишува Амрит Синг во истражувањето објавено оваа недела. „Двете (програми) носеле печат на измачување.“ Во рамките на двете програми биле киднапирани осомничени лица и со илегални летови биле транспортирани на непознати места ширум светот, каде следувале „изолација, сослушувања, измачување и злоставување“.

ДВ: Какви нови сознанија дава извештајот?

Амрит Синг: Ново е дека толку многу земји биле инволвирани во вакви сосема очигледно илегални операции. Со оглед на ваквото соучесништво, не само што САД мора да одговараат за повреди на човекови права кои се документирани во извештајот, туку и сите други влади кои биле вклучени. Со извештајот се сакаше да се дознае повеќе за луѓето - како се викаат, каде биле затворени и како биле третирани. Можно е да соучествувале и поголем број влади, но тоа не можеме да го кажеме со сигурност се‘ додека тие влади не се јават и не се соочат со вистината.

ДВ: Извештајот дава слика на една глобална мрежа влади, координирани од страна на ЦИА.

Амрит Синг: ЦИЕ е тука средиштето. Мислам дека имало и некои релевантни договори во рамки на НАТО, но практично погледнато, билатералните односи на САД биле клуч за глобалната мрежа која била создадена. И навистина има глобална мрежа - учествувале 54 влади, значи повеќе од една четвртина од сите земји во светот.

Amrit Singh
Амрит Синг од „Open Society Justice Initiative“Фотографија: Marc McAndrews for the Open Society Foundations

ДВ: Дали е докажано дека 136-те лица кои се споменати во извештајот биле навистина осомничени за тероризам?

Амрит Синг: Зависи од тоа што точно мислите. ЦИА овие операции ги спроведувала како антитерористички операции, да. Но многу од луѓето чии случаи се документирани во извештајот биле грабнати затоа што биле помешани со други лица. Калед ел Масри, на пример, е Германец кој бил фатен во Македонија (на 31.12.2003 година), таму бил држен и злоставуван 23 дена, а потоа и‘ бил предаден на ЦИА. ЦИА потоа го пренесла во Авганистан и таму го држела до мај 2004 година. Останува да се разјасни што точно околу тоа знаела германската влада и како се однесувала во случајот на Ел Масри.

Минатата година, во декември 2012 година, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Македонија со тоа што и‘ го предала Ел Масри на ЦИА сторила повреда на основните човекови права. Како ’измачување’ од страна на судот е оценет третманот на Ел Масри на аеродромот Скопје, опколен со македонски службеници. Тоа е многу значајна пресуда. Највисокиот европски суд за човекови права оцени дека САД измачувале германски државјанин на европска територија, а една соодговорна влада - Македонија - ја прекршила Европската конвенција за човекови права. Мислам дека оваа пресуда ги принудува САД да се јават за збор, на каков било начин - со извинување или обештетување на господин Ел Масри. Мислам дека исто толку е неопходна реакција на германската влада - што знаела во кој момент и што е сторено за да се запре злоставување?

ДВ: Знаете ли што се случило со грабнатите лица?

Амрит Синг: За многумина не знаеме. На пример, знаеме дека Калед ел Масри е се‘ уште во Германија, но други едноставно се исчезнати. Некои лица од извештајот се однесени во Гвантанамо и таму чекаат на воени процеси, додека други се едноставно ослободени.

EU Deutschland Menschenrechte Erfolg für El Masri vor Menschenrechtsgerichtshof
Калед ел Масри - што знаела германската влада?Фотографија: dapd

Она што сега за многумина е најважно е - признавање. Лицата биле без причина означени како терирсти, злоставувани се и измачувани, а не им е дадено обештетување во каква било форма. Застрашувачки е што американските судови одбиваат да отвораат процеси за жртвите на американските испораки и измачување. Секој одделен случај што жртвите на грабнувањата пробале да го изнесат пред американски суд, е во основа отфрлен без притоа судовите попрецизно и да го погледнале случајот. Затоа одлуката на судот во Стразбур е толку важна. Поради правото и правдата одлучувачки е судовите да овозможат некаков вид обештетување, меѓу другото и поради тоа вакви работи веќе да не се повторат. Зашто, ако се правиме како се‘ да минало и сега мора да се гледа напред, секогаш ќе има земји кои измачуваат и други кои неказнето ќе бидат нивни соучесници. Што ќе ги запре во тоа?