1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесна судбината на загубарите

9 декември 2011

По неколку пропаднати обиди за продажба на Охис, ЕМО, Прилепски тутунски комбинат и Еурокомпозит, македонската влада ја менува стратегијата за решение на судбината на фирмите загубари.

https://p.dw.com/p/13KNp
Владата ја менува стратегијатаФотографија: Petr Stojanovski

Охридски „ЕМО“ ќе се ревитализира со владина финансиска помош, а како што дознава Дојче Веле, на средината на декември за „Охис“ повторно ќе се објави меѓународен тендер со олеснети услови. Директорот на некогашниот скопски хемиски гигант, Пеце Јовески, во изјава за Дојче Веле потврди дека се готви нов обид за продажба, а веќе имало интерес кај двајца купувачи. Едната била македонска, а една странска фирма. Двете биле сериозно заинтересирани, а имало и уште неколку кои барале информации. Инаку, според Јовески, двата клучни услова за задржување на технолошкиот процес и бројот на вработените остануваат главен дел од тендерот. За останатото можело да има измени.

Сите сакаат да успее планот

За разлика од „Охис“, целосно се менува планот за „ЕМО“, за чија судбина владата крои план за ревитализација тежок седум милиони евра. Од постојните 1.450 работници, планирано е да се задржат на работа најмногу 600, а сите останати да ги добијат заостанатите плати и придонеси. Највисоката планирана сума за исплата е 2.300 евра, а ќе се обештетат и работниците кои ќе се прогласат за технолошки вишок. Сумата ќе зависела од стажот, односно годините потребни до пензионирање. Работниците во неизвесност очекуваат позитивно решение, но сепак се скептични дека овој план ќе успее. Претседателот на синдикатот Драган Молкоски за Дојче Веле објаснува дека сумата од седум милиони евра која се планира е недоволна да ги покрие сите долгови кон вработените и останатите загуби на фабриката. Оние кои добро го познавале ЕМО, според него, би биле скептични, иако вели, нема кој не сака да успее планот, посебно ако се имало предвид дека некои работници не земале плата веќе пет години.

Puzzle Teile
Сложувалката со загубарите не е лесно да се составиФотографија: picture-alliance / dpa

Загубарите ги зголемуваат долговите

Инаку, владата и раководството на „ЕМО“ начелно го договориле предлог планот кој доколку се прифати од страна на работниците би се реализирал на почетокот на наредната година. Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, многу е важно работниците да не тужат за своите побарувања за дополнително да не се проблематизира целиот процес. Во меѓувреме, загубарите во кои работат околу три илјади луѓе ги зголемуваат долговите. Во првите девет месеци годината направија загуба од петипол милиони евра што ќе паднат на товар на буџетот.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска