1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесна иднина на Сирија

Керстен Книп / Елизабета М. Фиданоска3 октомври 2013

По заклучокот на Советот за безбедност на ОН, сирискиот конфликт влегува во нова фаза. Како работите ќе се развиваат натаму е неизвесно, зашто на патот на ставање крај на насилството има многу пречки.

https://p.dw.com/p/19spE
Фотографија: Getty Images

Двеипол години по избивањето на бунтот во Сирија, Советот за безбедност на ОН донесе резолуција - минимален консензус постигнат меѓу Русите и Американците. Какви последици договорот ќе има за натамошниот развој на ситуацијата во земјата е спорно. Зашто, според мислењето на многумина набљудувачи, резолуцијата за Сирија остава многу неодговорени прашања.

Сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Муалим во понеделникот (30.09), во својот говор во Генералното собрание на ОН укажа на можноста од наоѓање политичко решние. Но наведе и услови за тоа: „Ставањето крај на една агресивна политика кон Сирија е прв чекор на патот кон решение во мојата земја.“ Во однос на државите кои им даваат поддршка на бунтовниците, тој нагласи: „Со оглед на тоа што продолжува поддршката на тероризмот, дали преку снабдување со оружје, финансиска поддршка или тренинг, секое политичко решение е илузија.“

„Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициони сили“ реагираше веднаш. Нејзе пред се‘ и‘ пречи поимот „тероризам“. Таа ја обвини владата на Асад дека на протестите кои на почетокот биле мирни, реагирала со се‘ повеќе насилство. Во соопштението за печат на националната коалиција се вели: „Во меѓувреме, режимот ја отвори вратата за екстремисти од цел свет за да се борат против умерените сили во Сирија.“

Со ваквата тактика, се вели во соопштението, владата на Асад следела јасна цел, што се отсликало и во говорот на министерот за надворешни работи пред ОН. „Ал Муалим се обиде секој противник да го претстави како екстремистички терорист, со тоа што на сензационалистички начин претстави некои инциденти, кои опозицијата веќе недвосмислено ги осуди.“

Националната коалиција го зема говорот на Ал Муалим како повод за уште еднаш да се дистанцира од џихадистите: „Екстремистите и терористите не ја репрезентираат опозицијата, тоа Сириската коалиција го повторува јасно.“

Овој и други деманти покажуваат дека Националната коалиција има сериозни проблеми поради присутноста на џихадистички борци во Сирија, зашто западните сојузници на бунтовниците се колебаат да им дадат поддршка со оружје, поради страв дека тоа би можело да падне во рацете на екстремистите.

UN-Sicherheitsrat Resolution zu Syrien Chemiewaffen 27.09.2013
Резолуцијата за Сирија е донесена, но...Фотографија: Reuters

Цинични калкулации

Според Надим Шехади, политиколог во реномираната англиска тинк тенк организација „Четем хаус“, токму тоа е и калкулацијата на власта на Асад. Стратегијата е позната: „Се отвораат затворите и се пуштаат на слобода криминалците и непресметливите. Така се поттикнува хаос, а потоа се тврди дека режимот се бори против хаос. На тој начин се враќа загубената популарност.“ Поради таа причина, владата на Асад во последните три години од затворите ослободи многу џихадсти. „Режимот се бори против опозиција, која самиот ја создаде.“

Но џихадистите не доаѓаат само од сириските затвори, туку и од странство. Тоа во разговор за Дојче веле го признава и Садик ал-Мусли, претставник на опозициониот Сириски национален совет во Германија. Тие ја искористија слабоста на опозицијата поради недостигот на меѓународна поддршка. Со оглед на тоа што изостанаа пратките со оружје, опозицијата не може да се бори ефикасно против трупите на Асад, вели тој. Џихадистите, меѓутоа, се само мал дел на опозицијата. Ал Мусли вели дека е сигурен оти сириското население по завршувањето на насилството ќе застане контра џихадистите и нивната идеологија. „Во тоа сум убеден, тука нема што долго да размислувам.“

Syrien 9. Juni 2013 Aleppo Scharfschütze
Фотографија: Reuters

Насилството продолжува и покрај резолуцијата на ОН

Тероризмот не е единственото спорно прашање кое им стои на патот на политичко приближување на двете страни. Сириската опозиција и самата се „сопнува“ од резолуцијата која се занимава пред се‘ со односот кон хемиското оружје. Токму затоа, вели Надим Шехади, таа го одвраќа краткорочно вниманието од суштинските проблеми, зашто и покрај резолуцијата, во Сирија и натаму се водат борби. Затоа документот на ОН пред се‘ и‘ дава време на владата на Асад, а таа тоа време го користи за да се бори против бунтовниците. „Режимот доби ’одврзани раце’ од меѓународната заедница за да го потиснува револтот“, вели Шехади. Со него се согласува и Ал Мусли, кој тврди дека резолуцијата е прв мал чекор во вистинска насока, „но таа, за жал, не го намалува страдањето на сириското население“. „Убивањето продолжува, стотици луѓе гинат“, нагласува Ал Мусли.

Терористичките групи го користат времето за спроведување на своите цели. Резолуцијата не влијае непосредно врз борбите во Сирија. Затоа по резолуцијата мора да следуваат нови чекори, објаснува политикологот Фолкер Пертес од „Фондација наука и политика“ од Германија. Земјите членки на Советот на безбедност на ОН сега мора да го зголемуваат притисокот врз актерите во Сирија. „Тие мора на своите клиенти во Сирија да им соопштат дека веќе не се предвидува воено решение, туку дека наместо тоа ќе се работи на политичко решение“, вели Пертес.