1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незаконски спечаленото мора да се врати

27 август 2010

Македонија од ноедамна конфискува имот што е стекнат на криминален начин и во кој е оштетена државата. Дали при конфискацијата, како исклучително чувствителна правна мерка, се можни грешки и како тие се исправаат?

https://p.dw.com/p/OxTU
Фотографија: AP

Агенцијата за управување со одземен имот годишно за работа има приближно 10.000 случаи на царински, прекршочни и кривични предмети, но заради ограничените кадровски капацитети и буџет за работа, се работат само најприоритетните или оние случаи што имаат нагласен медиумски призвук. Така, изминатите месеци петмината вработени во Агенцијата работеа и наплатија средства од случаите Бачило, Даравелски, Славија, Скотиха и Марковиќ....

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Ванчо Шехтански за Дојче веле појасни дека овој нов државен орган што постои еднаипол година, а ефективно работи во последните пет месеци досега во буџетот на Република Македонија донел 12,5 милиони евра, од кои два милиони евра во ефектива, а остатокот во објекти, акции, удели и друг имот.

Skopje Zentrum
СкопјеФотографија: DW

Агенцијата е скроена по урнекот на сличните органи од Бугарија и Италија, но за разлика од нив македонската Агенција за управување со одземен имот работи со петмина вработени и 25.000 евра годишен буџет, додека бугарската, на пример, има 700-тини вработени и буџет од 72 милиони евра, вели Шехтански. „Ние сме извршно тело што постапува по правосилна судска одлука. Се’ што се однесува на осудено лице, а се јавува како сопственик на движен и недвижен имот, на удели и акции, ние го утврдуваме и во постапка ги конфискувме во корист на државата,“ вели Шехтански, инаку поранешен долгогодишен адвокат, кој сега вели дека го разбира лутењето на неговите колеги во постапките на одземање на имотот на нивните клиенти.

„Јас ја сфаќам лутината кај адвокатите и лицата на кои им се одзема имотот, бидејќи до сега беше сеедно затоа што тие само ја одлежуваа казната и толку, а сега имаме друг механизам, затоа што со пресудата и оштетувањето на државата треба да знаеме што треба да се конфискува. Го пронаоѓаме имотот што треба да се одземе, тој се проценува преку Бирото за судски вештачења, па потоа се одзема и продава, а парите одат на државна сметка,“ додава Шехтански.

Парите што Агенцијата им ги одзема на фирмите и граѓаните по правосилната судска пресуда ги чува или ги префрла во буџетот на Република Македонија, додека имотот се дава на лицитација. Досега се вратени одземени предмети во два случаи, а станувало збор за вратени автомобили. Тоа не значи дека нема барања за враќање и на други одземени предмети и пари, но главната забелешка на адвокатите и странките се однесува на неможноста да се обжали постапката на Агенцијата.

Критика за постапката

Можни ли се грешки и дали е се’ како што треба во постапката на одземање на имотот? „За жал, ова решение за одземање на имотот нема правна поука и право на жалба. Од друга страна, уставно загарантирано право во секоја држава, па и кај нас, како темелна вредност, е владеење на правото и загарантираното право на жалба. Државата треба да одзема, но тоа треба да го прави на правен начин, не повредувајќи ги правата на своите граѓани. Затоа се поставува прашањето каде е владеењето на правото како темелна вредност на Уставот на Македонија,“ вели адвокатот Слободан Тедосиевски. Тој е правен застапник на вработените во поранешна „Славија“. Во овој случај државата одзема пари во висина од 97 милиони денари, стекнати со првата докажана криминална приватизација на фирма во Македонија, пари и имот што всушност им припаѓале на сите вработени. Судот место да им го врати имотот на вработените, сега преку Агенцијата државата си го припишува и зема како свој имот. „Ние баравме да се поништи криминалната приватизација за да се вратат состојбите онаму каде почна неправото, затоа што една од основните синтагми на правото е се’ што е створено на противправен начин е апсолутно ништавно. И сега државата настапува на тоа место, оди во тоа гнездо каде се создаде криминалот, и затоа тоа е апсолутно ништавен удел и не треба да постои како таков“, вели Тедосиевски за Дојче веле.

Wirtschaft Handel Geld Euro
Фотографија: picture-alliance / Helga Lade Fotoagentur GmbH

Инаку, во својата работа Агенцијата за одземање имот тесно соработува со Управата за перење пари и финансиската полиција, како и со над 22 агенции од Европа, што се занимаваат со оваа проблематка, и со нивна помош постапува по правосилните пресуди за лица кои се осудени, а имаат имот надвор од Македонија.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска