1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволство на немнозинските етникуми

Свето Тоевски26 јануари 2014

Во Македонија незадоволително се спроведува „бадинтеровиот принцип“, т.е гласањето со етнички цензус при донесување одлуки,како и пропорционалната и правична застапеност на немнозинските етникуми,вели истражување на ЗЕЛС

https://p.dw.com/p/1AxKj
Фотографија: Sveto Toevski

„Принципот на соодветна и правична застапеност на различните етникуми не се применува во доволна и еднаква мера и на централно и на локално ниво во поглед на сите степени на работни позиции. Потребно е подобрување на вклученоста на немнозинските етнички заедници на локално ниво преку општинските комисии за односи меѓу заедниците, но и преку подобрување на законодавството во тој домен и по пат на посилна контрола од централната власт“ , ова се главните согледувања од соодветниот проект, кој го спроведе Заедницата на единици на локална самоуправа во партнерство со невладината организација „Институт за развој на заедницата“ од Тетово (насловна фотографија).

Од средината на септември до првите десет дена на октомври лани беше реализирано истражување со анкета во рамки на споменатиот проект во 18 општини, во кои најмалку 20 отсто од вкупното население се припадници на една една заедница. Беа опфатени оние општини, во кои најмалку 20 отсто од вкупниот број на жители на општината се припадници на одредена етничка заедница. Беа анкетирани само граѓаните, кои се членови на малцинството во општината во која живеат: Беа испитани вкупно 1266 граѓани, при што еднакво беа опфатени сите етнички заедници, наведени во Уставот на државата. Македонците беа анкетирани во седум, а Албанците во единаесет општини.

Погрешна партиска припадност и немање врски

Mazedonien ZELS Städte und Kommunen Gemeinschaft
Седиштето на ЗЕЛСФотографија: Petr Stojanovski

Начелото на соодветна и правична застапеност значи дека етничката структура во Република Македонија треба да биде одразена во државните и локалните органи, како на нераководните, така и на раководните места, почитувајќи го притоа критериумот за стручност и компетентност. Но, истражувањето укажа на отстапувања од двата клучни принципа на Рамковниот договор насекаде каде што живеат немнозинските етнички заедници: на Македонците во Тетово, на Ромите во Гостивар и Тетово, на Албанците во Крушево и во други градски центри и селски општини.

Биле искажани особени реакции, поради незастапеноста на сите етникуми во регионите на соодветни раководни позиции во односните општински администрации. Испитаните граѓани од сите немнозински етнички заедници на централно и локално ниво навеле дека дека причини за непримена на начелото на соодветна и правична застапеност се и: „погрешна партиска припадност“, „недостиг на врски" „неприпадност кон политичка партија", но и „недостигот на соодветни квалификациии". Изнесени се барања за поефикасна примена на „бадинтеровиот принцип“ и други заштитни механизми за немнозинските етнички заедници, но и по пат на измени и подобрувања во постојното законодавство.

„Администрацијата се полни со партиски следбеници“

Во врска со овие перцепции на граѓаните од различните немнозински етникуми професорот по социологија на етничките групи од државниот универзитет во Скопје Константин Миновски вели за ДВ: „Се покажува дека Рамковниот договор и не е така функционален, како што се претпоставува. Тој не може да се однесува само на една етничка група, туку треба да ги опфати сите етнички групи. Оној цензус од 20 проценти во договорот, всушност, ги елиминира сите други етникуми во државата. Јавната, државната и локалната администрација механички се 'полни' само со партиски следбеници и послушници, при што не е на преден план квалитетот на оние што се вработуваат, туку е значаен етничкиот предзнак зад кого се крие партиската припадност. Тоа не ја одразува суштината на застапувањето на етничките заедници во системот, така само се создава предимензионирана и неефикасна администрација.“

Gebäude der Gemeinde Struga OPSTINA
Зградата на општина СтругаФотографија: Milco Jovanoski

Тој дополнува: „Немам увид во функционирањето на комитетите за правична застепеност на заедниците на локално ниво, но, според она што можеме да забележиме од медиумите, не секаде и не секогаш се почитува ’бадинтеровиот принцип', на пример, во Струга, како и во општина Чаир околу имињата на училиштата. За да се задоволат различните политички аспирации, или политички коалиции, се толерира непочитувањето на законите, во овој контекст и на „бадинтеровиот принцип“, а не постои можност тоа да се санкционира. Всушност, се забележува една тенденција: за да се одржи мирот во Македонија, односно, за да нема немири, „треба да се плаќа“ на тој начин што ќе се случуваат вработувања без критериуми, ќе се толерира непочитувањето на законите и т.н. Сево ова повеќе има наличје на ’етнополитички рекет’, отколку на спроведување агенда за човекови права. Во прилог на сето ова оди и големата етничка дистанца меѓу етничките групи во Македонија.“

Голем број фрустрации

Во текот на декември 2013 година резултатите од истражувањето беа презентирани на четири локални форуми: во Куманово, Дебар, Кичево и во Тетово. На форумите присуствуваа претставници од комисиите за односи меѓу заедниците, од советите на општинските совети и администрации, од невладините организации, како и претставници од политички партии. Гордана Величковска, советник за истражувања и развој во ЗЕЛС, како координатор на споменатиот проект, напоменува: „На 22-ри јануари годинава во „ЕУ – инфо центарот“ во Скопје ќе се одржи и национална конференција, при што ќе биде претставено печатеното издание на анализата на истражувањето, кое беше поддржано финансиски од ЕУ.“

Vorbereitungen für Kommunalwahlen in Mazedonien ARCHIVBILD
КичевоФотографија: DW

Неспроведувањето на начелото на правична и еднаква застапеност на немнозинските етникуми на сите работни позиции и на централно и на локално ниво предизвикува голем број фрустрации: особено кај турското, ромското, влашкото и бошњачкото малцинство, кои се чувствуваат помалку важни од Албанците и затоа се жалат дека се негативно дискриминирани во процесот на имплементација на Охридскиот рамковен договор. Фрустрација се јавува и кај македонското мнозинство, кое негативно реагира против двојните стандарди при вработувањето на малцинските групи. Разрешувањето на овие фрустрации и долгорочната интеграција на малцинските етнички групи во државната служба, но и на раководните и други работни позиции во општинските администрации, се од клучна важност за чувството на припадноста на овие граѓани кон државата.