1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независноста на Косово-најмало зло

4 мај 2007

“Расположението околу Косово во Советот за безбедност се менува: само пет, максимум шест членови на Советот на Светската организација може да се придобијат за планот на посредникот Марти Ахтисари. За донесување соодветна резолуција би биле потребни барем девет.“ Вака почнува коментарот во денешен “Франкфуртер рундшау“ посветен на иднината на Косово.

https://p.dw.com/p/AeSu
Можат ли странците да ја поправат ситуацијата на Косово? Германски војник во Призрен.
Можат ли странците да ја поправат ситуацијата на Косово? Германски војник во Призрен.Фотографија: AP

Членовите на Советот за безбедност при кусата посета на Косово беа соочени со земја, што не му е ни слична на она што стои во разубавувачките извештаи на дипломатите на ОН. Затоа се отворија следните прашања: како да и‘ дадеме самостојност на покраина, која не може да им ја гарантира безбедноста на нејзините малцинства? И згора на тоа уште мора да се бори со организиран криминал проширен на највисоко ниво? На таков чекор се решаваат само ретки држави.

Доколку некој ги праша критичарите за алтернатива на планот на Ахитсари, тие ретко кога имаат што да кажат. Понатаму да се преговара спаѓа меѓу еден од попрецизните одговори. Но, Србите и Албанците преговараат веќе една година и при тоа стана јасно оти не можат да најдат решение за прашањето на независноста. Ни Белград, ни Москва немаат конструктивно решение. Дека решенија од типот на лабава конфедерација нема да функционираат, тоа им е јасно дури и на политичките раководители во Србија. И нивниот предлог за решение по угледот на Тајван, со фактичка, но не и формално правна независност, не би бил никакво вистинско решение. Од него би произлегувале постојани напнатости – впрочем како и меѓу Кина и Тајван.

Она што амбасадорите на Советот за безбедност го видоа во покраината е вистина: состојбата со малцинствата, особено српското и ромското, е лоша. А под влијанието на медиокритетската елита Косово е на добар пат да стане не баш угледен член на семејството на народите. Сето тоа е во ред, но проблемот е во тоа што обата факти не се конечни аргументи против незавинсоста. Ако Косово остане дел од Србија, тоа не им помага ни малку на малцинствата соочени со постојани закани. Напротив, ако малцинството го осуети стекнувањето независност, тогаш уште повеќе ќе стане цел на напади на албанските екстремисти. Дека српската полиција би можела во тој случај да им пружи некаква заштита на преостанатите Срби на Косово, тоа е толку авантуристичка идеја, што со неа не се занимава сериозно дури ни официјален Белград.

И од организираниот криминал не штити странскиот патронат над Косово. Напротив, токму под српско владеење процути криминалната сцена во покраината, бидејќи српската полиција вршеше притисок врз косовските ново печени богаташи. А и адмнистрацијата на ОН, таква кава што е, значи богата, бирократска и без познавање на ситуацијата, беше погодна почва за развој на криминалните активности. Доколку мандатот мине во рацете на ЕУ, ситуацијата веројатно нема многу да се поправи во тој поглед.

Ако воопшто има некаква надеж, тогаш таа треба да се бара кај самите Албанци од Косово. Тамошната младина сака да се отвори за Европа и веќе и‘ е доста од корумпираните моќници. Демократијата подразбира луѓето самите да ја преземат судбината во свои раце. Ваквата едноставна вистина е заборавена под режимот на косовските технократи. Значи, автономно Косово не е гаранција за подобрување, но сите други опции се токму гаранција дека се‘ ќе остане така лошо, како што е сега!

И од регионален аспект не е на повидок подобра опција: се расправа за етничка поделба на Косово, околу што наводно би можеле да се спогодат Албанците и Србите. Но, тоа прво би се случило на штета на другите малцинства, бидејќи Ромите, Хрватите, Горанците и католичките Албанци нема да добијат своја територија. Следен чекор би било приклучувањето на Албанците од Јужна Србија кон Косово. А и Босна би се нашла во улогата на губитник во целиот процес. Таа опстанува како целина само поради верувањето во доктрината дека на Балканот нема промени на границите по етничка основа. Ако Косово се подели, тогаш истото ќе се случи и со Босна. Значи, независноата на Косово е сепак најмалото зло“