1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независните, зависни од странски донации

25 септември 2010

Според најновите истражувања независната културна сцена во Македонија, кој е извонредно активна се соочува со бројни проблеми пред се’ во финансирањето. Спасот најчесто се бара кај меѓународните донатори.

https://p.dw.com/p/PKK9
Филмска проекција во Младинскиот културен центар во БитолаФотографија: DW/Sveto Toevski

Центарот за современи уметности од Скопје спроведе истражување насловено „Актерите на независната културна сцена во Македонија“ во периодот од октомври лани до февруари 2010 година.Беа анкетирани 21 независни културни институции и асоцијации, носители на уметнички иницијативи, неформални уметнички групи и невладини организации.

Theaterregisseur Bujar Ljuma
Театарскиот режисер Бујар ЉумаФотографија: DW/Sveto Toevski

„Првичните резултати од тоа истражување укажаа на една загрижувачка состојба„ – вели координаторот на проектот Никола Писарев од Центарот за современи уметности и нагласува: „Од јавните пари кои се издвојуваат за културата за нејзиниот независен сегмент се инвестираат еден минорен дел, помалку од 1 отсто, а и тоа се општински финансиски средства Поедноставно кажано, од анкетираните независни субјекти само 1 – 2 добиле некаква помала финансиска поддршка од некоја државна институција.“

Се намалуваат и странските донации

Бујар Љума, театарски режисер и извршен директор на невладината организација „Центар за балканска соработка – Лоја“, која е дел од независната културна сцена во Тетово, се надоврзува: „Сме подготвувале за градот Тетово културни настани повеќе од сите културни институции заедно – домот на културата, уметничката галерија, театарот. Од друга страна, во изминативе десеттина години немаме добиено ниту еден денар од државата Македонија, иако сме вршеле работи од јавен интерес во културата, работи за кои се обврзани државните и општинските институции.“

Ausstellung im Jugendkulturzentrum Youth Cultural Center in Bitola Mazedonien
Изложба во Младинскиот културен центар во БитолаФотографија: DW/Sveto Toevski

Сашо Додовски, директор на Младинскиот културен центар д Битола вели дека реализираат 50 – тина независни културни настани годишно и предупредува: „Фондовите од донаторските средства, кои ги добиваме однадвор, се се’ помали и помали, за разлика од пред десеттина години. Државата, пак, речиси и да нема никаков слух за поддршка на независната културна сцена. Тоа е навистина една погрешна политика, која води кон уништување на оваа независна културна дејност во Македонија. Ако вака се продолжи секако дека состојбите ќе се влошат во наредните години.“

Оперативно- тактичка мрежа за независните културни работници

Sasho Dodovski, Direktor des Jugendkulturzentrum in Bitola Mazedonien
Сашо Додовски, директор во Младинскиот културен центар во БитолаФотографија: DW/Sveto Toevski

Споменатото истражување, кое како проект се спроведува напоредно и во Србија и Црна Гора, со поддршка на Европската културна фондација, во Македонија покажа, исто така, дека независната културна сцена, е целосно зависна од парите од меѓународните фондови. Едновремено и дека протагонистите на таа сцена немаат доволно сили да остваруваат влијание врз носителите на одлуките и креаторите на јавните политики во областа на културата.

Што претстои натаму? Покрај другото, сериозно се разгледуваат можностите и подготвеноста да се формира национална оперативно – тактичка мрежа на актерите, кои дејствуваат на независната културна сцена. Целите на оваа мрежа би биле разработка на локални и национална стратегија за уште позасилено вклучување во културниот живот во земјата и влијаење врз донесителите на одлуки, како и за заедничко конкурирање за пари пред меѓународните финансиски донаторски фондации.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски