1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недостижните олимписки норми

Златко Калински1 јуни 2012

Нормите за пат во Лондон останаа недостижни за македонските олимписки кандидати. На неполни два месеца до отворањето на Олимпијадата, последната надеж останаа кошаркарите. Кои се причините за квалификациониот дебакл?

https://p.dw.com/p/156Lm
Фотографија: AP

Само пред неколку месеци македонската спортска јавност беше во исчекување исполнето со надеж дека земјата ќе биде убаво претставена на најголемиот спортски настан. Можеби првпат и во екипните спортови. Нормите останаа недостижни за ракометарите, ватерполистите, подоцна и за борачите, боксерите, за пливачите, за кајакарите. Претседателот на МОК , Васил Тупурковски вака го коментира, овој депримирачки момент:

„Ние знаевме дека во поединечните спортови нема да биде воопшто лесно да се квалификуваат нашите аспиранти. Тоа затоа што веќе неколку години спортовите кои кај нас сме ги сметале за базични перманентно опаѓаат со квалитет и таму се помалку има надежни и успешни резултатски настапи. Сега останува да се надеваме дека кошаркарите ќе се квалификуваат!“

Пораз на борењето

Од 1968-та година па наваму, на 11 Олимпијади едноподруго, македонското борење редовно имало свои претставници. Вратата на Лондон остана затворена. Претседателот на борачката федерација, Чедо Николовски зборува за причините за дебаклот:

„Прв пат од 1968 година Македонија е без учесник во борењето на Олимписките игри. Кои се причините? Четири – пет месеци имаа борачите редовни подготовки, но се покажа дедка тоа не е доволно. Пред се недостигаа доволно спаринг партнери во Македонија. Познато е какви ни се моменталните услови на борењето. Немаме спортски сали, немаме тренери. Едноставно немаме услови за еден врвен резултат. На пример учеството на Европското првенство во Белград не чинеше 10 илјади евра, а Агенцијата за млади и спорт ни префрли 850 илјади денари за комплетната меѓународна програма, што е многу малку.“

Николовски: вината е во мене

Атанас Николовски, македонскиот првак во кајак на диви води и најсилниот адут од поединечните спортови, имаше голем резултатски кикс на последната трка во Аугзбург. Неуспехот го гледа главно во сопствените грешки, но укажува и на изостанокот на средствата од Агенцијата за млади и спорт и од Кајакарската федерација, за завршните подготовки.

Professor Vasil Tupurkovski
Претседателот на МОК, Васил ТупурковскиФотографија: DW/Stojanovski

„Причината за неуспехот, пред се ја барам во себе. Бев премногу нервозен пред самиот старт на натпреварот. Влегов со многу емоции и пренапрегнат во трката. Целата подготвителна сезона ја завршивме како што треба. Не можам да кажам дека сум незадоволен, но во последните месец – два мислам дека недоволно се насочивме кон натпреварот во Аугзбург. Недостигаа финансиски средства кои беа планирани со договорот склучен во 2010 година меѓу Агенцијата за млади и спорт, Кајакарската федерација и МОК. Само МОК го испочитува договорот и ни го плати настапот во Аугзбург. Но, ќе повторам нервозата пред самиот старт го направи своето!“

Николовски укажува на лошиот третман на врвниот спорт во Македонија:

„Сметам дека институциите задолжени за спортот бегаат од реалноста, а со тоа статусот на врните спортисти во Македонија е никаков и нерешен до крај.“

Итна стратегија за развој на спортот

Според Васил Тупурковси, мора да се седне и да се направи стратегија за развој на спортот:

„Останува нерешено клучното прашање. Ние, сите релевантни спортски фактори во Македонија, почнувајќи од државата, спортските федерации и МОК, спортистите и клубовите, мораме да седнеме и конечно да разговараме за стратегија за развој на спортот. Дури спортистите и да имаа пооптимални услови, дури некој и да оствареше норма, сме свесни дека особено во поединечните спортови со кои досега сме биле присутни на олимпијадите, полека потенцијалите ни замираат. Веќе нема каде, мораме да седнеме и да разговараме за стратегија.“

Кошаркарската репрезентација е последната македонска надеж за учество со норма. На 2 јули се квалификациите во Венецуела. Во спротивно, Македонија на Игрите во Лондон ќе биде претставена од спортисти со вајлд-карта во спортовите, во кои е тоа можно:атлетика, пливање, можеби стрелаштво...