1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недвижностите во Берлин и во Минхен поатрактивни од тие во Лондон

ЖА/ дв/ард/ртре/дпа23 јули 2013

Лондон веќе не е најбараното место во Европа за вложување во недвижности. Според проценките на стручњаците, првпат на листата најпопуларни пазари во Европа се два германски градови - Берлин и Минхен.

https://p.dw.com/p/19CGm
Фотографија: Fotolia/ArTo

Недостигот од други можности за вложување, ниските камати на станбените кредити и стравот од ифлација, сето тоа придонесува кон постојаниот раст на пазарот со недвижности во Германија, а со тоа и кон доборо работење на градежната бранша. Најмногу од популарноста на т.н. бетонско злато, како што во Германија популарно ги нарекуваат недвижностите, профитираат фирмите кои се занимаваат со продажба на недвижностите. Одделни фирми, кои главно работеа на локално ниво и до пред неколку години беа речиси непознати надвор од границите на своите општини, стануваат сериозни играчи на берзите.

„Акциите на претпријатијата кои работат со недвижности моментно се на берзите главна модерна тема“, вели професорот на универзитетот во Регенсбург Штефен Себастијан, чија специјалност е финансирање на недвижностите.

Овие фирми имаат корист од растот на цените на недвижностите како и од постојаниот раст на кириите. Поради страв од инфлација на еврото, што го поттикнаа народните банки со пуштањето во оптек на нови пари, како и поради ниските камати, парите дословно се одлеваат на пазарот на станови. Тука водат пред се‘ професионалните инвеститори, но и помалите приватни вложувачи гледаат своја шанса во овие акции, дури и ако немаат пари за купување сопствена куќа или стан.

Symbolbild Immobilienpreise München Wohnung Wohnungssuche
Фотографија: picture-alliance/dpa

Висок профит

Поминаа времињата кога Лондон беше најбараното место во Европа, тврдат меѓународните стручњаци. Според нивните проценки, првпат на врвот на листата на најпопуларни пазари со недвижности во Европа се два германски градови: Берлин и Минхен. Генерално, во големите германски градови при купувањето недвижности профитот е висок во однос на ризикот, смета аналитичарот Улф ван Ленгрих од Солвенитс, финансиска институција специјализирана за трговија со вредносни хартии. Тој исто така верува дека станарите во Германија и натаму ќе растат.

Попретпазливите, пак, предупредуваат на можноста од нова криза на пазарот со недвижности, слична на онаа од пред неколку години, бидејќи и политичките партии во своите програми предвидуваат запирање на растот на станарините.

Осцилации во градежништвото

Кулминацијата на пораст во областа на градењето станови во Германија се случи по повторното обединување на Западна и Источна Германија. Во 1995 година биле изградени 603 илјади нови станови. Следеше структурна криза во градежната бранша при што половина од тогашните 1,4 милиони работници од таа бранша го загубија работното место, а добар дел од вложувачите банкротираа. Бројот на новоизградени станови оттогаш постојано опаѓа, за најлошо да биде во 2009 година, во време на рецесијата, со изградени само 159 илјади станови. Но, во меѓувреме нивниот број порасна за 25 проценти.

Вложувањето во т.н. бетонско злато моментно се смета за сигурна одлука. Тоа го докажува и релативно високиот удел на капитал во овој сектор. Мнозинството вложувачи не ги врзуваат своите пари само во една инвестиција, туку купуваат и по втор или трет пат.