1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Негувателката на стари лица Сузан Портер од Лајпциг

24 септември 2010

Сузан Портер не е само негувателка на стари лица, туку и вокал на бендот „Love is Colder than Death“. Тоа е и тоа како поврзано со настаните што кон крајот на 80-тите ја променија Германија.

https://p.dw.com/p/P6gi

Сузан Портер седи во кујната во нејзиниот стан во Лајпциг и се сеќава на времето кога се‘ уште се викала Сузан Хајнрих, Лајпциг бил дел од поранешна ГДР, а таа ненадејно почнала да пее во еден бенд. Нејзиниот тогашен пријател Мајк бил музичар и сакал да сними ЦД. Но, неговиот пејач поднесол барање да отпатува во Западна Германија и набргу му било одобрено. Мајк и‘ се обратил на неговата пријателка и рекол: „Сузан и ти знаеш да пееш“. Така Сузан пеела на првата проба. Сузан Портер подготвува вечера за ќерката и раскажува дека им се допаднало како пее: „Ти си нашиот вокал“. Заврши долгиот работен ден на негувателката на стари лица.

9 ноември 1989 година

Додека луѓето во ДДР во 1989 година протестираа на улиците за слобода, Сузан Портер и нејзиниот бенд се подготвувале за нивниот прв концерт. Портер е ќерка на офицер во народната армија на ГДР, приврзаник на тогашниот режим. Со измешани чувства се сеќава на 9 ноември 1989 година и големите демонстрации во Лајпциг: „На 9 ноември бев загрижена за татко ми, кој беше на должност. Се плашев дека ќе мора да се спротивстави на демонстрантите во Лајпциг“, се сеќава 45-годишната Сузан. „Јас бев во потполно поинакво милје. Се плашев дека ако демонстрирам, наеднаш ќе се најдам наспроти него.“ Тогаш Сузан Портер критички гледала на укинувањето на ГДР, тоа за неа претставувало продажба на богатите браќа од Запад. Налутено вели: „Многумина од демонстрантите денес се без работа. Сега им е дозволено да патуваат, но тие не можат, оти немаат пари.“

Gesichter Deutschlands SuPo
Сузан Портер е самохрана мајка веќе седум годиниФотографија: DW

Оттогаш се поминати 20 години, а Сузан Портер сега сфаќа дека многу работи во ГДР биле погрешни. „Случувањата таму не беа нормални. Тоа не можеше да функционира“, се навраќа таа во сеќавањата. Но, иако жали за социјалната сигурност, која според неа тогаш била поголема, „во никој случај“ не би сакала да се врати ГДР. Имено, пресвртот донесе и позитивни промени. На пример, средбата со нејзиниот сопруг, кој исто така е музичар: „Тој беше Англичанец и никогаш не смеел да свири во ГДР.“

LICTD и Емили

Нејзиниот сопруг станал член на бендот „Love is Colder Than Death“, скратено LICTD, а Сузан Хајнрих станала Сузан Портер. LICTD на допадлив начин прави синтеза на фолклорни елементи со звуци на синтисајзер и Њу Ејџ. Тие станале популарни и на меѓународна сцена. Сузан Портер била на турнеја дури во Мексико. Албумот на LICTD „Еклипса“ од 2003 година се најде на второто место на мексиканските Њу Ејџ - топ листи на најпродадени албуми.

Gesichter Deutschlands SuPo
Работата е тешка, нејзината смена започнува веќе наутро во шест часотФотографија: DW

Во 1996 година за Сузан Портер музиката била на второ место, оти тогаш се родила нејзината ќерка Емили: „Секоја жена знае дека кога станува мајка, си поставува други приоритети. Немав време за музика, морав да мислам на моето дете.“ Сузан Портер е самохрана мајка веќе седум години. Покрај ќерката, музиката игра значајна улога во нејзиниот живот. „Немаше да издржам долго без музика“, се смее таа. Сузан Портер наскоро ќе издаде ново ЦД со нејзиниот бенд. Веќе одамна се откажала од илузиите: „Од музиката никогаш не можев, а нема ни да можам да си го обезбедувам лебот.“

Затоа Сузан Портер сега завршува школување за негувателка на стари лица. Работата е тешка, нејзината смена започнува веќе наутро во шест часот. Досега променила многу професии. Таа била јавачка во поранешната ГДР, помошничка во една ветеринарна клиника и цвеќарка. Во нејзината сегашна професија и‘ се допаѓа благодарната реакција на старите лица. Основното начело на Сузан Портер гласи: старите луѓе имаат право достоинствено да го живеат последниот дел од животот.


Автор: Мира Банхон-Рамирез / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска