1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НДП се врати во парламентот и бара анкетна комисија

ЕМФ/миа23 јануари 2013

Пратениците Изет Зеќири и Фламуре Демири-Креци од партијата Национална демократска преродба, официјално го прекинаа бојкотот и од денеска (23.01) учествуваат во работата на Собранието на РМ.

https://p.dw.com/p/17QCD
Фотографија: MIA

Бојкотот на НДП е прекинат и за тоа потврда дојде и од Кабинетот на претседателот на Собранието. Пратениците на НДП најавија дека до сите пратенички групи, вклучувајќи ги и оние на опозициските пратеници кои се‘ уште се надвор од Парламентот, ќе достават предлог за формирање анкетна комисија за расветлување на настаните што се случија на 24 декември минатата година.

„Предлагаме да се утврди одговорноста и причините за тоа што придонесе за исфрлување на пратениците и на новинарите. Бараме да се состави извештај со предлог мерки за надминување на оваа ситуација и за тоа мора да се расправа на пленарна седница“, изјави пратеникот Изет Зеќири.

За да може да се формира анкетна комисија предлогот на НДП треба да добие поддршка од дваесет пратеници. Доколку нивниот предлог не биде прифатен и не се утврди одговорноста и причините, Зеќири смета дека нема да има разрешување на политичката криза.

НДП, како што рече Зеќири, ги почитува препораките на меѓународната заедница дека се‘ мора да се реши во рамки на институциите. Втората причина за враќање во Парламентот, според него, е тоа што власта ја користи оваа ситуација кога нема опозиција и предлага закони по скратена постапка.

ДУИ ја поздравува одлуката на НДП

Пратеничката група на ДУИ ја поддржува инцијативата на НДП за формирање анкетна комисија за расчистување на настаните од 24 декември, но координаторот Талат Џафери вели дека дилемата е во смислата на формирање ваква комисија кога опозицијата одбива да се врати во Собранието.

„Ја поздравувам одлуката на колегите од НДП да се вратат во работата на Собранието. Во однос на иницијативата за формирање анкетна комисија за испитување на случувањата од 24 декември, принципиелно иницијативата е легитимна и не би било проблем за нас да се стави потпис за поддршка, но дилемата е смислата на формирањето ваква комисија кога опозицијата одбива да се врати во Собранието. Се поставува, исто така, дилемата како би се формирала комисијата. Во што би била смислата да се формира комисијата од овој состав кој што е внатре во Собранието, во услови кога опозицијата укажува дека нема намера да се врати“, изјави Џафери.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ изјави дека партијата останува на ставот дека на Македонија не и‘ се потребни предвремени парламентарни избори и предупредува дека одржувањето предвремени парламентарни избори не треба да стане пракса.