1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На јаже преку Големиот Кањон

ЕМФ/дв24 јуни 2013

Ник Валенда е првиот човек што успеа одејќи по јаже да ја мине клисурата на Големиот Кањон. При минувањето на патеката од 425 метри тој постојано се молел.

https://p.dw.com/p/18v4r
Фотографија: Reuters

Славје во Аризона - 34-годишниот Ник Валенда на јаже стигна од едниот до другиот крај на клисурата на Големиот Кањон. Човекот што се занимава со екстремна акробатика изјави дека имало силен ветер. Сепак, потфатот на големиот верник, кој цело време повторувал молитви додека ја минувал патеката без безбедносна мрежа, беше успешен. Тој беше поврзан со татко му преку микрофон, а на телото носеше камери кои пренесоа слики од вртоглавата длабока бездна под него. По стигнувањето на целта Валенда падна и ја бакнуваше земјата.

Nik Wallenda
Ник ВалендаФотографија: picture alliance/AP Photo

Валенда, кој е седма генерација на акробатското семејство „Летечките Валенда“, со својот потфат сакаше да му оддаде почест на својот прадедо, кој во 1978 година почина како последица на пад од јаже, на 73-годишна возраст. Валенда, кој е татко на три деца на возраст од 9 до 15 години, зад себе веќе има седум Гинисови рекорди. Но, тоа не му е доволно. Неговиот план предвидува во иднина да го премине Босфорот или да биде катапултиран кон врвот на некој облакодер во светот.