1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На црно може да се купи се‘

31 јануари 2011

Експертите се согласни со надлежните дека сивата економија во Македонија е намалена, но предупредуваат дека учеството во вкупната економија е се‘ уште големо. Надвор од легалните канали се вртат над 2 милијарди евра.

https://p.dw.com/p/Qwr3
Учеството на сивата економија во бруто домашниот производ е 40 до 45%Фотографија: Ognjen Alujevic

Високата стапка на невработеност, лошата социјална состојба и слабата економија се главните причини за се‘ уште високиот процент на сива економија во Македонија. Земјата и по две децении транзиција не успева да се справи, односно значително да го намали овој проблем.

Според некои проценки, надвор од легалните канали на економијата годишно се вртат повеќе од 2 милијарди евра. Тоа создава нелојална конкуренција и ги уништува компаниите кои работат легално. Истражувањата на оваа тема се ретки. Резултатите од последното истражување велат дека учеството на сивата економија во бруто домашниот производ се движи меѓу 40 и 45 проценти. Професор Трајко Славевски од Економскиот факултет за Дојче Веле објаснува дека овој процент е намален во последниве години:

„Заради некои реформи во последниве неколку години, реформи во даночната сфера, социјалните придонеси, системот на исплата на плата итн., учеството на сивата економија е намалено за десетина проценти.“

Нелојална конкуренција

Експертите предупредуваат дека сивата економија ја разјадува легалната економија и влијае на високиот процент на невработеност. Главни проблеми што ги предизвикува се нелојална конкуренција на пазарот, помалку приходи во буџетот, особено од ДДВ, ризик од измами за социјален надомест.

Mazedonien Land und Leute
Вредноста на увезената стока расте што значи дека недекларирана стока или лажни фактури има се‘ помалку, вели КарговФотографија: Petr Stojanovski

Приходи што не се пријавени и не се евидентирани од надележните се остваруваат во многу сфери. Големи суми се вртат на пазарите, во услужниот сектор. Нема сметки, нема евиденција. Граѓаните се свесни дека е сива економија кога за тоа што ќе го платат нема да добијат фискална сметка.

Во земја со над 30 проценти невработеност сивата економија го одржува социјалниот мир, велат експертите. На улиците, плоштадите, пазарите и мостовите се‘ почеста слика се препродавачите. На импровизирани картонски тезги, поевтино отколку во продавница, може да се купи облека, обувки, храна, козметика, електрични уреди,часовници, батерии и разни други работи. Најчесто станува збор за шверцувана стока без никаква декларација, која преку илегални канали влегува во Македонија.

Решението гласи - одржлив економски раст

Директорот на Царинската управа Ванчо Каргов за Дојче Веле изјави:

„Тоа е перцепција. Од аспект на Царината можам да кажам дека сивата економија се намалува. Показател за тоа е што увозот се зголемува, вредноста на увезената стока расте што значи дека недекларирана стока или лажни фактури има се‘ помалку.“

Експертите се едногласни дека е невозможно да се зборува за целосно искоренување на сивата економија. Утеха за Македонија е податокот дека и многу поразвиени земји се соочуваат со високи проценти на сива економија. Решението би било да се обезбеди одржлив економски раст на 5 до 10 години, со повисоки стапки на раст, со што официјалната економија ќе апсорбира дел од сивата економија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска