На Франкфуртскиот аеродром не мрда ништо
21 февруари 2014На аеродромот во Франкфурт минуваат само патниците кои патуваат транзит, соопшти портпарол на германската сојузна полиција. Фирмата која управува со аеродромот, Фрапорт, од патниците побара да стапат во контакт со своите авиокомпании и да ги разгледаат можностите за пререзервирање. До попладнево во Франкфурт се анулирани околу 60 летови.
Голем број места во авионите денеска останаа празни, поради тоа што нема кој да врши безбедносни контроли на патниците. Синдикатот Верди ги повика вработените во фирмите за обезбедување на штрајк од два часот изутрината до 23 часот. Штрајкот е закажан поради незадоволството од платите. Синдикатот бара 16 евра бруто за работен час на безбедносниот персонал, додека работодавачите нудат меѓу 10 и 13 евра. Спор се води и околу должината на работните договори. Наредната рунда преговори е закажана за 5 март.