1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Филипини хаос, Германија помага

Родион Ебигхаузен/ Симе Недевски11 ноември 2013

Од последиците од налетот на супер тајфунот „Хаијан“ на Филипини погодени се милиони луѓе. Меѓународните и германските хуманитарни организации подготвуваат големи операции за помош на настраданите.

https://p.dw.com/p/1AFGm
Фотографија: World Vision

Дејвид Карден, координатор за итна помош на ОН во Манила, во првата проценка на состојбата за ДВ изјави: „Филипинската влада сега вели дека повеќе од девет милиони луѓе се погодени од налетот на тајфунот“. Во наредните денови во опустошените региони на Филипните ќе биде потребен секаков вид помош: од пречистителни постројки за вода преку прехранбени производи сѐ до привремени живеалишта, укажува Карден.

Најголем предизвик за спасувачките екипи и хуманитарните помошници е непрегледната ситуација и непристапноста на погодените региони: „Потребни ни се шест часа за да ги совладаме тие 11 километри од аеродромот до центарот на градот Таклобан“, објаснува Карден. Таклобан, градот со 220 илјади жители се наоѓа на источниот филипински остров Самар и со тоа во еден од најтешко погодените региони. Карден уште вели: „Има некои делови од земјата до кои нема воопшто никаков пристап. На пример, таму каде што тајфунот најпрво стигна до копното“.

Philippinen Taifun Haiyan
Фотографија: picture-alliance/dpa

Првите испораки на помош пристигнуваат

Станува збор за една од најголемите природни катастрофи во Филипини во последниве децении. Меѓународната помош веќе тргна кон погодените региони, зашто сега во преден план се преживеаните, изјави за ДВ Гџеф Ламиго од хуманитарната организација „Волрд Вижн Филипини“. Покрај оваа организација, и „Каритас Филипини“ и „Каритас САД“ испратија прва помош во тешко погодениот град Себу, која се состои од 18 илјади шатори и еден билион таблети за пречистување на вода.

Европската Комисија вети три милиони евра, американската амбасада во Манила пак итно стави на располагање 75 илјади евра. Германскиот Каритас, донаторскиот сојуз „Акција Германија помага“ и УНИЦЕФ повикаа на донирање на средства за погодените филипински региони. Медицински тим на организацијата ИСАР (International Search and Rescue) од 24 члена пристигнува во Манила.

Помош од Германија

Германскиот претседател Јоахим Гаук истакна дека е трогнат од размерите на катастрофата и му изрази сочувство на неговиот филипински колега по функција Бенињо Акино поради илјадниците загинати и неброените повредени во катастрофата. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле вети најитна помош од 500 илјади евра за Филипините од Германија: „Германија сака да помогне, Германија ќе помогне“, порача Вестервеле.

Philippinen Taifun Haiyan
Фотографија: Reuters

Првиот чекор го направи ТХФ, здружението за техничка помош, кое веќе во Манила испрати тим за извидување на ситуацијата. Портпаролот на ТХВ, Николас Хефнер, за Дојче Веле изјави: „По слетувањето, во координација со германската амбасада, тимот ќе замине во погодените региони за да ги процени опциите за ангажман на ТХВ и да утврди во колкава германската влада може да помогне“. ТХВ при хуманитарните операции помага во областите во кои има најголема експертиза: пречистување на водата за пиење, обновување на инфраструктурата, како и пречистување на загадените извори и поставување на привремени живеалишта.

За координацијата на целокупната итна помош е важно да се соработува со локалните власти: „Главниот збор во координацијата на лице место го преземаат филипинските власти, со оглед дека Манила не е тешко погодена од тајфунот и оти највисоките органи за заштита од катастрофи сѐ уште функционираат. Ќе бидат испратени и армиски и полициски сили да помогнат во регионите погодени од катастрофата. Нема никакво своеволие“ , вели Хефнер. Според него, тоа е важно за да не се случи ништо што би било насочено против населението, како и да нема политички недоразбирања. Само така помошта може да биде вистински ефикасна, потенцира Хефнер.