1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На тесната линија меѓу животот и смртта

13 ноември 2009

Деновиве една многу необична изложба го привлекува вниманието на граѓаните на Келн и околните градови. Станува збор за „Световите на телото“ на оспоруваниот автор Гунтер фон Хагенс.

https://p.dw.com/p/KW2q
Фотографија: DW

Лекарот Гунтер фон Хагенс повеќе од една деценија го провоцира јавното мислење во повеќе светски метрополи со т.н. пластинати. Тоа се човечки тела, кои биле подложени на посебен третман на мумифицирање, така што течностите од сите клетки се извлечени под вакуум, а потоа на нивно место е ставена посебна пластична маса. Од така препарираните тела е симната кожата, така што може да се види секој, дури и најситен детал од мускулите или внатрешните органи на човечкото тело. Некои од нив се и специјално раздвоени од телото, за да бидат подобро видливи. Боите се живи и автентични, а за да биде сето уште поатрактивно, телата се поставени во одредени динамични пози, што ни‘ се познати од секојдневието, како на пример пар танчери, оперски пеач, голман во парада и сл. Освен тоа, има и делови од тела или органи што прикажуваат одредени заболувања, како на пример бели дробови на пушач, а сето е проследено и со паноа со дидактички содржини и со мултимедијални презентации.

Ausstellung Körperwelten in Heidelberg freies Format
Авторот на изложбата Гунтер фон ХагенсФотографија: AP

Згуснати простори

Еден од експонатите прикажува шест вертикални секвенции од исто човечко тело, на кое има и кожа. Ова е единствен таков експонат - сите други, имено, ги разоткриваат тајните на човечкото тело што се скриени под покривката на кожата. На секој од вертикалните пресеци има оставен и по некој дел што штрчи, на пример черепот на едниот, мозокот на другиот, ребрата на третиот, ’рбетниот столб на четвртиот итн. Така се добива тридимензионален увид во разните делови на телото на човек, којшто имал тетоважа на десната надлактица. Таа, заедно со косата и ноктите, дава посебно чувство на реалност. Овде и на најхрабрите посетители им се „смекнуваат колената“ и им се успорува здивот, а челото се оросува со ситни капки пот. Близината на смртта, нејзината неизбежност, нашата неспособност да влијаеме врз неа, како и кревкоста на нашето тело, наспроти неговото неверојатно совршенство, некако се згуснуваат во просторот.

Автор: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска