1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Србија и‘ се заканува враќање на визите за ЕУ

БГ/макфакс8 јануари 2014

Словенечката европарламентарка Тања Фајон вели дека опасноста од враќање на визите за српските граѓани во ЕУ е реална и се должи на растот на популизмот во Германија и Велика Британија.

https://p.dw.com/p/1Amq3
Фотографија: DW/S. Padori

По стапувањето на сила на механизмот за суспензија на визите, постои реална опасност од воведување визи за Србија, пред сe‘ поради големиот број на лажни азиланти, но и популистичката реторика во Германија и Велика Британија во последно време, која е доста негативна кон мигрантите и азилантите, изјавила словенечката европратеничка Тања Фајон за Танјуг.

Таа оценила дека некои политичари го користат прашањето на приливот на доселeници и нивните права на социјална помош повеќе поради промовирањето на сопствената популарност во своите држави и дека не се свесни оти со ова придонесуваат за јакнењето на ксенофобијата.

Фајон објаснила дека новиот механизам, кој стапува на сила на 9 јануари, би можел да биде активиран само „под посебни околности, кога една или повеќе држави на ЕУ би се довеле во вонредна ситуација која самите не можат да ја решат“. „Со други зборови, за можноста на повторно воведување визи би се размислувало во случај на значаен и голем пораст на доселеници кои го злоупотребуваат безвизниот режим, зголемениот број на неосновани барања за азил и непочитување на договорот за реадмисија“, појаснила словенечката европратеничка.

Земјите во кои приливот на лажни азиланти е најголем се Германија, Белгија, Шведска, Швајцарија и Луксембург, и според Фајон реално е да се очекува дека овие земји први би побарале активирање на механизмот. Фајон истакнала дека конечната одлука за евентуалниот предлог на членките на ЕУ за активирање на механизмот го носи Европската комисија, и тоа врз основа на детална истрага на терен и земајќи ги предвид политичките последици кои би биле предизвикани поради повторното воведување на визниот режим, на односите меѓу ЕУ и земјите од каде што доаѓаат најголемиот број на лажни азиланти.

„Сакам да верувам дека нема да дојде до активирање на овој механизам. Меѓутоа големиот број на лажни азиланти е загрижувачки и е во пораст, што претставува предупредување за властите во Србија да направат сe‘ што е во нивна моќ и да продолжат со сузбивањето на злупотребувањето на безвизниот режим“, порачала Фајон.