1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Србија и’ се заканува банкрот - ќе помогнат ли мерките за спас?

ЕМФ/фена/хина8 октомври 2013

Српската влада денеска (08.10.) на јавна седница го претстави пакетот мерки без кои, како што е речено, државата би банкротирала за две години. Првите видливи ефекти од штедењето се можни од 2015 до 2017 година.

https://p.dw.com/p/19wLA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владата на Србија очекува до 2017 година да се штедат по 300 до 400 милиони евра годишно. Со мерките што се планирани, а кои во директен телевизиски пренос ги објаснуваше министерот за финансии Лазар Крстиќ, меѓу другото се предвидува поголем ред во јавните финансии и стабилизирање на јавниот долг. Директните последици од тоа ќе ги почувствуваат 300 до 500 илјади граѓани на Србија, а поштедени ќе бидат само пензионерите.

„Фасцинантно е дека ниту ние како работодавач, ни граѓаните не знаат колку точно вработени има во јавниот сектор“, нагласи Крстиќ.

Клучните мерки на Владата се однесуваат на намалување на платите во јавниот сектор од 20 до 25 проценти и зголемувањето на данокот на додадена вредност од 8 на 10 проценти.

Платите во јавниот сектор повисоки од 520 евра, од почетокот на наредната година ќе бидат намалени за 20%, а платите над 870 евра ќе бидат намалени за 25%. Од ваквите мерки се очекува заштеда од 100 до 150 милиони евра, односно околу 0,3% од брутодомашниот производ.

Дел од мерките за спас, како што ги нарече вицепремиерот Александар Вучиќ, е и намалувањето на државните субвенции. Српскиот премиер Ивица Дачиќ (на фотографијата) порача дека целата влада стои зад мерките за штедење и предупреди дека нивното спроведување е во „најдобар интерес на Србија“. Вучиќ додаде дека Владата за пакетот мерки има и широка меѓународна поддршка, меѓу останатите и од Меѓународниот монетарен фонд.