1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Синг му се доволни десетте години владеење

Сандра Петерсман (ард) / Елизабета М. Фиданоска3 јануари 2014

Третата прес-конференција на индискиот премиер Манмохан Синг е можеби и неговата последна. По речиси десет години на функцијата, тој ќе се повлече по изборите во мај. Синг веќе го стави во игра можниот наследник.

https://p.dw.com/p/1Akt7
Фотографија: UNI/ASHISH KAR

Кога Индија во мај ќе избира нов парламент, премиерот Манмохан Синг ќе се подготвува за пензија. Политичката иднина на земјата 81-годишникот ќе ја стави во помлади раце. Како наследник, во случај на трета изборна победа на владејачката Конгресна партија, Синг го предложи - Рахул Ганди. Тој припаѓа на династијата Нехру-Ганди, која доминира во Индија од нејзината независност во 1947. година. Прадедото на Рахул е основачот на државата - Нехру, негова баба беше премиерката Индира Ганди, а татко му е поранешниот премиер Раџив Ганди.

Indien Wahlkampf Rahul Gandhi
Синг за свој наследник го предлага младиот Рахул Ганди (фото)Фотографија: Tauseef Mustafa/AFP/Getty Images

„Рахул Ганди има извонредни способности за оваа функција. Се надевам дека Конгресната партија ќе го номинира во соодветен момент“, изјави Синг.

Контроверзен кандидат на опозицијата

Кандидатот на најголемата опозициона партија БЈП е познат веќе со недели. Тоа е контроверзниот Хинду-националист Нарендра Моди, кој владее во сојузната индиска држава Гујарат. Моди важи за наклонет кон стопанствениците, неговата сојузна држава има извонреден економски развој. Но, тој е под сомневање дека помогнал при еден масакр врз муслимани во 2002. година. Според Синг, за секуларната, мултирелигиозна и мултиетничка Индија би било „катастрофа“ доколку контроверзен политичар како Моди биде избран да владее со земјата.

Индијците се незадоволни од Синг

Но во моментов одвај кој верува дека Конгресната партија повторно ќе има мнозинство. Повеќето граѓани својата влада ја поврзуваат речиси исклучиво со корупција, слаб економски пораст, инфлација и растечки цени на прехранбените намирници. Својот премиер, кој има докторска титула од Оксфорд во сферата на економијата, го доживуваат како отсутен и човек кој не прави ништо. Синг пак нагласува: „Историчарите ќе мора да оценат дали бев добар или лош премиер. Јас лично сум убеден дека во услови на меѓународна финансиска криза, глобална економска криза и слабост на еврото, завршивме прилично добра работа.“

Како министер за финансии, Синг на почетокот на 1990-тите раководеше со претпазливото отворање на Индија кон глобалниот пазар. Како свој најголем успех во десетгодишниот мандат како премиер Синг ја наведува борбата против сиромаштијата, развојот на селските региони и цивилниот договор за нуклеарна енергија со САД.