1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На руската опозиција и‘ снемува здив?

Егор Виноградов / Симе Недевски6 декември 2012

Една година по масовните демонстрации против наводниот изборен фалсификат во Русија, се’ помалку луѓе учествуваат на протестните акции на опозицијата. Но тоа не значи дека протестното движење е пропаднато...

https://p.dw.com/p/16wA8
Фотографија: YURI KADOBNOV/AFP/GettyImages

Стотици илјади граѓани на Русија излегоа пред околу една година на улиците за да протестираат за поголема демократија. Повод беа обвиненијата на сметка на владејачката партија дека во голема мерка ги фалсификувала резултатите од парламентарните избори. Учесниците на минатогодишните протести денес трезвено гледаат на демонстрациите кои западните медиуми ги следеа во чекор.

Протест на урбаното и добростоечко население

На протестите тогаш главно учествуваа припадниците на средната класа и добро образованите граѓани, вели Наталија Соркаја, од независниот демографски институт Левада. Тоа мислење го делат и другите институти како државниот ВЗИОМ:

Protesten in Russland Moskau 24.12.2011
Сцена од масовните протести во Москва на 24.12.2011Фотографија: dapd

„ Тоа не беше серуски протест, ниту пак демонстрации на целата средна класа. Учесници на минатогодишните протести главно беа разлутени помлади граѓани од двете големи метрополи Москва и Санкт Петерсбург“, вели Олга Каменчук од државниот институт. Според неа, тоа се граѓани кои можат да си дозволат патувања на Запад и притоа да ги споредат тамошните услови за живот со оние во Русија. „Резултатот на таа споредба очигледно не им се допаѓа“, вели Каменчук.

Излез во отселувањето

Игор Тарасов е еден од тие незадоволни граѓани. По учеството на протестите во Москва на крајот на минатата година тој бил и притворен неколку денови. Затворската соба тогаш ја делел со познатиот блогер и лидер на опозицијата Алексеј Навални. Тарасов вели дека излегол на демонстрациите бидејќи сакал конечно да се почитува рускиот устав. Но реформи изостанаа и ништо не се промени. Затоа претприемачот Тарасов одлучил да ја напушти Русија: „Многу мои пријатели веќе се отселија во Европа. И јас годинава отворив мало претпријатие во Словенија. За мене во Русија веќе нема перспектива“, вели Тарасов. Многумина како него, кои пред една година активно учествуваа во политичкиот живот, денес реагираат резигнирано и веќе не се подготвени да излезат на улица. На демонстрациите кои опозициските движења ги организираа во изминатите недели излегоа само неколку илјади граѓани. Политикологот Дмитриј Орешкин смета дека причината треба да се бара во фактот дека протестите минатата година не донесоа никакви резултати.

„Мрзеливи Руси“

Russland Marsch der Millionen
Демонстрациите на 15 септември годинава имаа далеку помал број учеснициФотографија: DW

Орешкин истакнува дека луѓето се резигнирани и си велат : „Уште колку пати треба да излезам на улица, само за да се убедам дека на владата и е се‘ едно за моите барања?“. Тарасов исто така смета дека опозициското движење страда поради тоа што досега не постигнало никакви резултати. Иако тој смета дека движењето целосно ги промашило целите, сепак главната вина ја гледа во своите сограѓани: „Станува збор за мрзеливоста на Русите. Ништо не може Русите да ги извлече од топлината на домот“, вели Тарасов.

Освен тоа, на опозициското движење денес му недостасува и мотив: „Минатата година сигнал за излегување на улица беа очигледните фалсификати на парламентарните избори. Сега такво нешто недостасува“, смета Олга Каменчук. Но тоа не значи дека така и ќе остане. Причините за повторно изгелување на улица овојпат би можеле да бидат од економска природа. Колку опозицијата е во состојба да ги мобилизира граѓаните, ќе биде појасно по протестите закажани за средината на месецов.