1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На проба довербата во владата

ЖА/миа5 октомври 2012

Собранието на Македонија на денешната 43. седница расправа и треба да гласа за доверба на Владата, по барање на опозициската СДСМ.

https://p.dw.com/p/16LD1
Фотографија: AP

Пратеникот од СДСМ и координатор на пратеничката група Игор Ивановски образложувајќи го барањето рече дека и по само една година од последните избори Владата се наоѓа во криза која, како што рече, е креирана и спроведена од внатре, а која се прелеала во сите институции во општеството. Според него, оваа Влада е во основа легална и во суштина со контроверзен легитимитет, оти е резултат на опасни пазарења, уцени и финансиско одржување на коалициските партнери.

„Јавноста е сведок дека за да се фомира оваа Влада пред една година се случија заеднички договорени и донесени одлуки спротивни на Уставот, на граѓаните и демократските принципи - се случи амнестијата на Хашките случаи, се прошири Рамковниот договор со употребата на албанскиот јазик и знаме. Сето тоа како мираз за ДУИ. Се затворија А1, Време, Шпиц, се партизираше СРД за да се врши притисоки врз медиумите, ги видовме во затвор политичките неистомисленици, се рушеа објекти на опозициски претставници и се‘ тоа тоа како мираз за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ивановски.

Според него, најголемите порази се доживеаја на економски план, бидејќи како што рече, македонската економија се наоѓа во рецесија, БДП е со негативен раст, странски инвестиции нема, домашното стопанство е исцедено, а Владата не го враќа ДДВ, додека невработеноста е над 32 проценти, а паѓа и животниот стандард. Наспроти ова, вели,Владата се луксузира со споменици, автомобили и кабинети. Обвини дека само во последната годинадржавата е задолжена за 1,250 милијарда евра.

Тој, меѓу другото, посочи и на, како што рече, лажната политика на Владата во земјоделството. Наведе дека 90 отсто од земјоделските гранки опаѓаат, декадржавата увезува се‘ повеќе пченица за леб, дека повеќе не се произведува шеќер и оти „партиските земјоделци ги крадат субвенциите, а вистинските земјоделци немаат пари за облека и комуналии и живеат аргатски живот“. Ивановски побара и да се прецизира колку пари се дадени за субвенции во земјоделството во 2011 година.

Според него, во последната година Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го потврдила она што го тврдела опозицијата, како и меѓуанродните институции, а тоа е дека Македонија е држава на организиран криминал и корупција, цитирајќи извештај од Стејт департментот на САД, а посочи и на извештаите на Ревизорската комисија. Обвини и за партизирање на јавната администрација, судството и за притисоци врз медиумите.

Тој се осврна и на владините политики во делот на евроатланските интеграции, посочувајќи дека покрај спорот за името, сега државата се соочува со проблеми заради „внатрешните катастрофални политики на оваа Влада“.

Сепак, додаде, примарниот мотив за оваа иницијатива за проверка на доевербата на Владата се последните случувања за отворена и јавна политичка војна меѓу двата политички партнера, особено начинот на спроведување на кризата, преку Законот за бранителите, а преку игра на меѓуетнички план. Според него, владејачката коалиција ги поткопува меѓуетничките односи кои се темел за стабилноста на државата.

„Оваа игра мора да престане, не смее фотелјите и тендерите да се поважни од сегашноста и иднината на Македонија, граѓаните, и затоа оваа дебата треба да ги разреши овие дилеми што се случува и кој тоа го прави“, рече Ивановски.

Тој упати прашања до како што рече најодговорните, Никола Груевски Груевски и Али Ахмети да излезат со усогласен став за тоа кој командува во АРМ, кој е државниот јазик кој се употреба во Армијата, која е државната химна и како се вика едно од четирите училишта, Цветан Димов или Хасан Пришина, кој ја води образованта политика и има ли полиција.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Премиерот Никола Груевски вечер ќе зборува пред пратеницитеФотографија: MIA

„Оваа договорена политичка и меѓуетничка игра е многу опасна, прочитана и мора да заврши на политички демократски избори на кој како што е редот народот дава власт и народот ќе ја одземе. На тој начин паѓаат во вода сите лажни спинови дека СДСМ и коалициските партнери сакаат да дојдат на власт преку Собранието, дека сме се договориле идната Владата на СДСМ да има премиер од ДУИ. Ниту сме помислиле ниту тоа ќе се случи“, посочи Ивановски.

На почетокот од седницата Имер Алиу од ДПА процедурално се обрати и рече дека не присуствувале на координацијата бидејќи подолг период ја бојкотираат, и оти ќе се воздржат од гласање за доверба на Владата, со образложение оти нема да станат дел од ниту една комбинаторика.

Според постигнатиот договор меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата на координацијата кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, по обраќањето на координаторот на пратениците на СДСМ Игор Ивановски ќе дискутираат пратениците, наизменично еден од опозицијата, па еден од владејачкото мнозинство. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути. На секое излагање на пратениците се дозволени по 12 реплики, а право на реплика ќе имаат и министрите.

На крајот од расправата, предвидено за 23:20 часот, пред пратениците ќе се обрати премиерот Никола Груевски, по што ќе се гласа за доверба на Владата.