1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На примирје на Блискиот Исток уште се чека

Петер Каперн/ дв/ АТ21 ноември 2012

Додека меѓународната дипломатија и натаму вложува напори за примирје меѓу Израел и Хамас, борбите продолжуваат. Во текот на ноќта повторно се извршени воздушни напади во градот Газа.

https://p.dw.com/p/16n4V
Фотографија: Getty Images

На примирјето на Блискиот Исток се’уште се чека. Во текот на денов е можно да се постигне спогодба, изјави портпарол на Хамас во Каиро. Меѓутоа, кога американската државна секретарка Хилари Клинтон доцна синоќа пристигна во Ерусалим, звучеше значително повоздржано. Таа само навести дека би сакала да се постигне решение во наредните денови.

Клинтон од аеродромот директно замина на разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим. Таму таа изјави дека станува збор за тоа да се најде долгорочно решение за проблемот.

Во идните денови САД ќе соработуваат со своите партнери во Израел и целиот регион за да се постигне решение, кое ќе ја засили безбедноста на луѓето во Израел, ќе ја подобри ситуацијата на луѓето во Газа и целиот регион ќе го приближи до сестран мир.

Денеска Клинтон во Западниот Брег треба да се сретне со претседателот на Палестинците Махмуд Абас, по што ќе отпатува за Каиро.

Gaza Kämpfe Krieg
Фотографија: AFP/Getty Images

Доцна синоќа се чинеше дека прекинот на огнот е на дофат. Претставници на Хамас и исламските џихадисти во Египет веќе најавија прес-конференција на која требаше да биде објавен прекинот на огнот. Тој требаше да почне на полноќ. Потоа следеа воздржани реакции од Ерусалим и конечно најавата дека договорот за прекин на огнот се’уште не може да биде потпишан. Хамас одговорноста за тоа му ја префрли на Израел. Израел пак вината за привременото пропаѓање на договорот ја префрли врз египетските посредници. Тие, според неименуван владин претставник во Ерусалим, репрезентирале група, која сакала да му овозможи предност на Хамас. Ова го известува весникот „Хааретц“. Истиот медиум информира и за спор во најтесниот круг на израелското раководство. Министерот за одбрана Ехуд Барак бил подготвен да го прифати договорот за примирје, но не и министерот за надворешни работи Авигдор Либерман и премиерот Бенјамин Нетанјаху. Нетанјаху на средбата со државната секретарка на САД Клинтон и натаму се закануваше со можна копнена офанзива:

„Доколку постои можност за долгорочно решение со дипломатски средства, тогаш го преферираме тоа. Доколку не, тогаш Израел со сите свои можности ќе ги штити своите граѓани“.

Gaza Kämpfe Krieg
Фотографија: AFP/Getty Images

Што точно ги блокираше преговорите во Каиро, засега не се обелоденува. Израел привременото положување на оружјето сака да го дополни со долгорочен договор, кој исто така нуди гаранции дека во Газа нема да биде повеќе испорачувано оружје. Хамас пак бара олабавување на блокадата, која го парализира стопанскиот живот во Појасот Газа, како и прекинување на целното убивање на нејзините функционери. Дипломатските преговори се придружувани од меѓусебни напади, чиј интензитет се чини во текот на ноќта уште повеќе се засили. Претставник на Палестинците во ОН информираше дека била надмината границата од 140 жртви, меѓу нив 34 деца. На изралеска страна вчера бројот на загинати се зголеми на пет, еден војник и еден цивил им подлегнаа на повредите.