1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„На овие трагедии мора да им се стави крај“

К. Бергман / дв/ Е. Милошевска Фиданоска17 декември 2012

Барак Обама на местото на масакрот, во Њутаун, дојде како претседател на САД, но зборуваше и како татко. На комеморацијата за 27-те жртви во масакрот, тој рече дека на децата во земјата им е потребна поголема заштита.

https://p.dw.com/p/173cs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сите мора да се прашаат дали се прави доволно за заштита на американските деца, рече претседателот Барак Обама на комеморацијата за жртвите од масакрот во Њутаун.

„Дали може да кажеме дека навистина правиме доволно за на децата во оваа земја да им ја пружиме шансата што ја заслужуваат да живеат среќно и со цел? Во последните денови размислував за тоа и ако сме искрени со себе, одговорот е ’не’. Не правиме доволно и тоа треба да го промениме.“

Ова е веќе четврт тежок масакр откако Обама е на функцијата претседател. „Не смееме да прифатиме вакви дела да станат рутина“, рече тој.

Без да го спомене категорично зборот закон за оружје, Обама од сите политичари побара да дејствуваат. „Каков избор имаме? Дали навистина сме подготвени да признаеме дека сме немоќни кога станува збор за вакви масакри, дека политиката е претешка?“, праша американскиот претседател и нагласи дека лично ќе се заложи за промена: „На ваквите трагедии мора да им се стави крај, а за да им се стави крај, прво мора да се промениме ние“, рече тој.

На комеморацијата присуствуваа семејствата на жртвите, наставници, полицајци и спасувачи кои беа во акција во петокот, по масакрот во основното училиште „Сенди Хук“. Присутни беа и духовници од различни религии. Малото гратче во Конектикат е во длабока жалост. Барак Обама пред комеморацијата се сретна со семејствата на жртвите. На гувернерот на Конектикат, Данел Мелој, Обама му рекол дека петокот бил најтешкиот ден од неговото претседателствување.

Amoklauf in Newtown, Connecticut
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во петокот (14.12) 20-годишниот Адам Ланца ја уби мајка му во нивната куќа во Њутаун, а потоа во основното училиште уби 26 лица, од кои 20 деца. Во земјата повторно наголемо се дебатира околу заострување на законите за оружје. Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, кој не припаѓа ниту на Републиканската ниту на Демократската партија и кој се залага за заострување на законите, од претседателот Обама побара иницијатива: „Претседателот мора да и‘ покаже на нацијата што да се прави, а не да ја враќа топката во Конгресот. Тоа мора да е задача број еден на неговата агенда“, рече Блумберг за телевизијата Ен-Би-Си. Според него, секое лице кое поднесува барање за поседување оружје треба да е соочено со кривично гонење доколку во барањето наведе неточни податоци, потоа треба да се забрани продажба на јуришни пушки, како и на магацини за муниција кои собираат повеќе од десет патрони. Градоначалникот на Њујорк нагласи дека стравот на политичарите од моќта на лобито за оружје е мит: „Моќта на Националната асоцијација за оружје е преценета“, подвлече Блумберг.

USA, Newtown, Trauer, Gedenken, Amoklauf, Massaker, Kinder, Grundschule, Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/dpa

Демократската сенаторка Дајен Фајнстајн од Калифорнија изјави дека веднаш по почетокот на работа на новиот состав на Конгресот ќе предложи закон за оружје со кој ќе се забрани продажбата на јуришни пушки. На законот се работи веќе една година и треба да се расчистат уште деталите.

Во дискусиите на тема закон за оружје во американските медиуми впечатливо беа отсутни застапниците на купувањето и поседувањето оружје. Новинарот Дејвид Грегори од Ен-Би-Си рече дека ги поканил сите 31 сенатор кои се застапници на поседувањето оружје, но никој не се согласил да учествува во дебатата на таа тема. Боб Шифер од Си-Би-Ес пак, информираше дека Националната асоцијација за оружје одбила да испрати свој претставник во неговата емисија. Еден од ретките кои се јавија за збор е Луи Гомер, пратеник од Тексас, кој за Фокс Њус рече: „Посакувам директорката, која херојски се фрлила врз напаѓачот во својата канцеларија да имала пушка М-4.“ На тој начин, според него, таа ќе можела да го убие напаѓачот пред тој да ги убие децата.