1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На македонското здравство му требаат поинтензивни реформи

Свето Тоевски7 април 2012

Дел од експертите и претставниците на лекарската професија во Македонија, по повод 7-ми април, Светскиот ден на здравјето, за Дојче веле коментираат дека на македонското здравство му требаат многу поинтензивни реформи.

https://p.dw.com/p/14ZDw
Фотографија: picture alliance/dpa

Во серијата посети на клиниките во Скопје и државните болници во внатрешноста во земјата, министерот за здравство Никола Тодоров кон крајот на минатиот месец ја имаше својата последна, петдневна посета на тетовската клиничка болница. Во таа пригода тој ја нагласи потребата за поголема ефикасност и одговорност на менаџерските тимови на македонските болници, за нивно порационално и поуспешно работење, преку намалување на загубите и трошоците при набавката на лековите, како и за подобри услуги за пациентите.

Männliche und weibliche Bedienste im Gesundheitswesen
Дел од експертите бараат да не се поттикнува судир меѓу пациентите и докторитеФотографија: picture alliance / Bildagentur-online

Во изминативе денови Дојче веле повеќепати се обидуваше да добие од Тодоров одговори на неколку актуелни прашања. Дали само директорите и медицинскиот персонал треба да понесат одговорност во случај на утврдени пропусти и неквалитет во здравствената заштита на населението или, пак, причините за тоа треба да се бараат и во највисоките нивоа и институции во здравствениот систем – во самото министерство и Фондот за здравствена заштита? Дали сегашниве посети се само „шминкање“ на состојбата и прикривање на „живиот песок“, во кој се, можеби, западнати македонските болници, неспособни да престанат да создаваат загуби во работењето? Реално, има ли македонското здравство пари за релативно задоволителна здравствена заштита Но, останаа безуспешни обидите, преку одделот за односи со јавноста и преку кабинетот на Тодоров, да се добијат неговите ставови околу тие дилеми.

„Реформи со јасен концепт“

Д-р Владимир Борозанов, претседателот на Лекарската комора на Македонија, коментира за Дојче веле:

„Намерата на министерот да се запознае со состојбите во здравството е за поздравување. Но, ако тоа има за цел да се согледуваат суштинските проблеми, со кои се соочува системот, како тој функционира. Кои се проблемите со кои се судираат и пациентите и лекарите во секојдневието? Потоа треба да произлегуваат системски и издржани мерки, бидејќи сите спротивни акции имаат за цел само некакво дефокусирање, и на јавноста и на докторите, од вистинските проблеми во здравството. Се јавуваат нејаснотии и се поттикнува одреден судир меѓу пациентите, како групација, и докторите и другиот здравствен персонал, како фела. Потребни се многу поинтензивни и поцелесообразни реформи на македонското здравство. Потребен е јасен концепт во тие реформи, кој што ќе биде политички издржан и поддржан и во кој ќе мора активно да учествуваат сите заинтересирани страни: било да се тоа здравствените власти, докторските асоцијации, здруженијата на пациенти и други чинители, бидејќи е тоа сериозен општествен проблем“.

Д-р Владимир Лазаревиќ, експерт за јавно здравство од Скопје, е категоричен:

„Добро е да има посети, но добро е да има и поголема активност од страна на самите болници и без да има посети. Не можеме да очекуваме дека преку една или неколку посети од страна на министерството ќе се подобрат работите во функционирањето на болниците. Промените мора да почнат од внатре, односно од самата болница. Крајно време е да престанеме да бараме виновници за проблемите и одговорност само во Министерството за здравство и во фондот за здравствено осигурување. Многу од работите може и треба да се подобрат на ниво на установи. Одговорноста најмногу треба да се лоцира таму каде што се раководат здравствените установи. Се разбира, треба да има многу предуслови за да функционира успешно една здравствена организација. Еден од тие предуслови е самостојноста во функционирањето и целосно пренесување на одговорноста за работењето кон установите. Тоа сега не е случај и од тие причини се соочуваме со проблеми и недоречености“.

Професорот на Медицинскиот факултет на Државниот универзитет и директор на клиничката болница во Тетово Флорин Бесими, посочен од министерот Тодоров како еден од поуспешните менаџери во здравството во земјата, вака ја образложува формулата за работење на здравствената институција, со која раководи:

Florin Besimi
Флорин Бесими, директор на клиничката болница во ТетовоФотографија: DWSveto Toevski

“Ние извршуваме околу еден милион здравствени услуги годишно. Стриктно ги водиме тендерите и електронските аукции за јавни набавки и други потреби на оваа клиничка болница. Се стремиме, каде што е можно, кон намалување на цените. Во сите смени и во сите оддели и клиники се води грижа за пациентите во секој момент на деноноќието. Сево ова е со цел да се намалат загубите. Но, како клиничка болница не сме задоволни од финансискиот буџет, кој ни се става на располагање. Извршуваме повеќе услуги отколку што ни се плаќаат. Во 2010 година фактуриравме за плаќање извршени здравствени услуги, кои се за 70 милиони денари повеќе отколку што добивме пари. Во минатата година реализиравме за 30 милиони денари такви услуги повеќе отколку што ни беа одобрени финансиски средства. Со новата најмодерна опрема и со новиот Ургентен центар ќе ги зголемиме уште повеќе обемот и квалитетот на услугите“.

„Стимули во работењето – не казни и заплашувања“

„Клучното прашање е како се движат интересите, стимулите кои ги имаат вработените и тие кои раководат со установите. Сметам дека многу поуспешен метод за мотивација е награди на успешните, отколку казни и заплашувања“, се надоврзува д-р Лазаревиќ.

Kunsthaut
Репресивните мерки им го уништувале ентузијазмот на докторитеФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Д-р Борозанов, пак, изнесува дел од ставовите во Лекарската комора на РМ: „Општо мислење во докторската фела е дека лекарите го губат својот квалитативен и квантитативен статус во општеството, кој го имале досега, односно, дека опаѓа и оти е на некој начин потценет нивниот рејтинг. Значителен дел од докторите во јавното здравство се незадоволни од хиерархискиот третман, од вреднувањето на нивниот стручен и интелектуален труд, што ги прави и депресивни. Од друга страна, одредени репресивни мерки, кои штом се спроведуваат, го убиваат уште повеќе нивниот ентузијазам. Сето тоа оди на штета и на докторите и на општеството во целина“.

„Лекарите не треба да отскокнуваат од општествената реалност во која живееме. Тие се дел од овој систем, како и сите ние и сите функционираме во исто опкружување. Тоа што се обидуваме да направиме во здравството во никој случај нема да им наштети на лекарите, напротив, со сите чекори кои ги преземаме сакаме да помогнеме тие да имаат подобар начин на функционирање“, кажа ресорниот министер Тодоров на одбележувањето на Светскиот ден на здравството во Македонското лекарско друштво во Скопје.