1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На „Коста Конкордија“ пронајдени уште пет тела

СН/ЖА/афп/миа/ртр/дпа23 март 2012

Бројот на пронајдени жртви во бродоломот на туристичкиот крстосувач „Коста Конкордија“ се искачи на триесет. Уште две лица се водат како исчезнати. Извлекувањето ќе трае уште неколку денови.

https://p.dw.com/p/14Pgg
ia BergungФотографија: AP

Повеќе од два месеца по хаваријата на туристичкиот брод „Коста Конкордија“ пред италијанскиот брег, во неговиот потонат труп се пронајдени уште пет тела на загинати, соопшти директорот на италијанската цивилна заштита, Франко Габриели. Извлекувањето на телата, меѓутоа, ќе трае уште неколку денови.

Досега се најдени 30 тела на загинати во бродоломот, вклучувајќи ги и петте што нуркачите ги открија вчера (22.03) во остатоците на бродот. Се верува дека во несреќата загинале уште две лица, чии тела се’ уште не се пронајдени.

Туристичкиот крстосувач „Коста Конкордија“, на којшто имаше преку 4.200 патници и членови на екипажот, на 13-ти јануари се насука во близина на островот Џиљо во заштитениот тоскански архипелаг во Тиренското Море.

По несреќата повеќе здруженија на патниците и семејствата на настраданите од Италија, Франција и САД подигнаа обвиненија против компанијата „Коста Крочиере“, сопственик на бродот.

Против капетанот на бродот Франческо Скетино и првиот офицер Чиро Амбросио и уште седуммина вработени во компанијата се заведени процеси пред италијанскиот суд поради оваа несреќа.

Тие се обвинети за убиство од небрежност, бродолом и недостиг на комуникација со поморските власти. Капетанот, притоа, кривично се гони поради напуштањето на бродот во време на евакуација на патниците.