1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На кафе со непријателите

Михаел Книге/ Александра Трајковска1 февруари 2013

Во календарот на глобалните носители на одлуки Минхенската безбедносна конференција речиси пет децении е утврден термин. И оваа година не недостасуваат бризантни теми и високи челници.

https://p.dw.com/p/17WEQ

Минхенската безбедносна конференција започна да се оддржува среде Студената војна, 1963 година, кога самитите на НАТО државите беа јасно конципирани врз основа на конфликтот Исток - Запад. Оттогаш до денес таа има минато низ повеќе преобразби.

По падот на Берлинскиот ѕид форумот прво се отвори за државите од Средна и Источна Европа и поранешниот Советски сојуз. Потоа во фокусот на минхенските дебати се’ повеќе навлегуваше Азија. Во меѓувреме конференцијата ја отсликува глобализацијата на светот и безбедносната политика.

Покрај земјите во подем како Иднија, Бразил и Кина на самитот од 1. до 3. февруари меѓу речиси 400 гости од 70 земји се застапени и африкански држави. Освен ова веќе одама на самитот не доаѓаат само политичари туку се’ повеќе претставници од стопанството и невладините организации.

„Минхенската конференција за безбедност прерасна во тренд- барометар при конструкцијата на безбедносно политичките промени во 21 век - покрај класичните ’тврди’ полиња на безбедносната политика зачестено на агендата се вклучени и ’меките теми’ како промената на климата или сајбер-безбедноста“, вели претседателот на конференцијата Волфганг Ишингер.

И покрај големиот број меѓународни конференции со поширока палета, очигледно постои потреба повеќе од кога и да е за размена на мислења во областа на безбедносната политика. „Годинава има особено голем наплив“, нагласи Ишингер. „Повеќе од 90 владини делегации ќе допатуваат во Минхен“, меѓу нив и американскиот потпретседател Џо Бајден кој во 2009 година во Минхен одржа говор за односот со Русија. На конференцијата годинава првпат учество ќе земат бразилскиот министер за надворешни работи и главната обвинителка на Меѓународниот кривичен суд. Како важни теми Ишингер годинава ги наведе Мали и Сирија како и односот со Иран.

München Sicherheitskonferenz Wofgang Ischinger
Волфганг ИшингерФотографија: dapd

На критичарите, кои на конференцијата гледаат како на нелегитимиран форум за донесување одлуки од страна на политиката и индустријата за вооружување, Ишингер им возвраќа дека тие не сакаат да се занимаваат со денешната реалност на манифестацијата: „Конференцијата се занимава со разоружување, заштита од војна и кризи и ги дебатира горливите прашања на меѓународната политика заедно со претставнивите на НВО како Хјуман Рајтс Воч или Гринпис и носители на Нобеловата награда за мир“.

Овој став го споделува и Џејмс Дејвис, професор по меѓународна политика на Универзитетот Сенкт Гален, кој веќе 10 години учествува на конференцијата: „Конференцијата нуди единствена можност да се дискутира за опасностите за меѓународната безбедносна политика со претставници на државите, меѓународните организации, како и НВО.“

Освен ова, вели Дејвис, на конференцијата не се носат одлуки. Напротив средбата на учесниците им нуди можност да дискутираат за нови тези во неофицијални рамки. Особеното на Минхенската конференција е што разговор водат луѓе кои инаку се одбегнуваат едни со други. Каде на друго место би било замисливо еден американски сенатор низ кафе да води разговор со член на иранската влада?